Средба Петерле-Попоски: Силна проевропска амбиција кај македонската Влада
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска во зградата на Европскиот парламент во Брисел се сретна со новиот претседавач со Заедничкиот парламентарен комитет на македонското Собрание и Европарламентот, Алојз Петерле. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, заклучокот на двајцата е дека со новиот претседавач, конечно, може да се очекува пробив на овој комитет и сериозна работа, што досега го кочеше и минираше претходниот претседавач, Јорго Шацимаркакис.
- Голема чест е за мене да бидам шеф на делегацијата и е особен политички предизвик. Знам како заврши Заедничкиот комитет во претходниот мандат. Мислам дека има многу поголем политички потенцијал за работата на Комитетот и би сакал да ја предводам делегацијата на Европарламентот на начин што ќе обезбедиме променета политичка вредност во процесот, истакна Петерле во изјава за МИА по средбата.
Петерле, кој е поранешен премиер на Словенија, гледа добар предуслов за тоа.
- Гледам силна проевропска амбиција на македонската Влада и генерално на политичкото водство. Тоа е многу важен елемент. Гледам дека Владата е многу прагматична и реформски ориентирана и посакуваме дека преку дијалогот во овој Комитет, кој е составен од различни лица, посебно што има колеги од соседните земји, па очекувам многу искрен и конструктивен и пред се европски дух на Комитетот, додава Петерле.
Словенецот ветува дека ќе посвети доволно време на активностите на Заедничкиот парламентарен комитет и дека е сигурен оти ќе бидат многу активни во следните пет години.
- Една работа е сигурна, а тоа е дека нема да има одлука за понатамошно проширување во овој петгодишен мандат. Но, потребно е за тие пет години да бидеме подготвени, не за преговори, оти за тоа сме подготвени уште од пред пет години, туку за целосно членство во ЕУ. Во моментот кога ќе бидеме подготвени за членство, најмногу што ќе може да помогне Заедничкиот парламентарен комитет е да обезбеди и Брисел да биде подготвен за таква одлука да биде донесена, вели минситерот Попоски.
Во однос на тоа дали очекува додека тој претседава со Комитетот, Македонија да го добие заслужениот почеток на пристапните преговори, екс-премиерот на Словенија, Петерле, вели дека е „позната позицијата и предлогот на Европската комисија и духот на поддршка од Европскиот парламент”. Тој вели дека посакува се да биде направено на начин што ќе се дозволи прогрес.
- Јас сум задоволен од одлуката на македонската Влада да прави прогрес и покрај блокадата и тоа го сметам како многу важен податок. Сигурен сум дека Заедничкиот парламентарен комитет може да го подобри контекстот со што ќе биде можно да се најде решение, дециден е Алојз Петерле.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа