Пристапни рампи, лифт и специјални тоалети за учениците со посебни потреби

 

 

Општина Крива Паланка во партнерство со „Дупница“ од Република Бугарија почна со имплементација на проектот „Сите деца учат заедно – Прекугранична мрежа на инклузивни училишта“.

- Со проектот ќе бидат изградени пристапни рампи, лифт и специјални тоалети за учениците со посебни потреби од вкупно седум училишта од шесте општини од регинот, а истиот е можност преку европските фондови да овозможиме подобра инклузија на децата со посебни потреби од Кратово, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце и Крива Паланка, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Покрај основното општинско училиште  „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, проектот ќе се реализира и во кумановските основни училишта „Толи Зордумис“ и „Бајрам Шабани“,  „Дитура“ од Ликово, „Христијан Тодоровски-Карпош“ од Ранковце, „Кочо Рацин“ од Кратово и „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане.

- Освен инфраструктура, основните активности од проектот предвидуваат и изработка на студија за можностите за рехабилитација на лицата со посебни потреби од двете страни на границата, зајакнување на капацитетите на наставниот кадар од училиштата опфатени со проектот преку обуки и работилници, креирање на интернет страница за потребите на проектот, како и јавни медиумски кампањи за надминување на стереотипите за лицата со посебни потреби, рече Алексовски.

Проектот „Сите деца учат заедно – Прекугранична мрежа на инклузивни училишта“, со вкупен буџет од 500.000 евра се реализира преку ИПА-програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и  Бугарија.

23.07.2014 - 11:00
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега