Бракот заедница исклучиво помеѓу жена и маж

 

Дефинирање на бракот како заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж е една од осумте уставни измени што ги предложи Владата на Република Македонија. Потребата за пристапување кон измени на Уставот беше констатирана со поединечно гласање на пратениците со 82 „за“, шест „против“ и еден воздржан на собраниската седница на 16 јули.

Уставните измени ќе овозможат попрецизно дефинирање на бракот или брачната заедница поради што и се наметнува потребата од измена на Уставот во овој дел, рече министерот за правда Аднан Јашари образложувајќи ги измените пред пратениците во македонското Собрание.

- Бракот е еден од основните столбови на општеството. Во Република Македонија бракот е дефиниран со неколку закони, меѓу кои и со Законот за семејство, меѓутоа тоа како такво во Република Македонија не се смета како уставна категорија, туку е законска категорија. А интенцијата зошто сега се предлага бракот како законска категорија да се трансформира во уставна категорија, е непосредно поврзана со целта на бракот или, пак, брачната заедница, посочи Јашари.

Според пратениците од владејачкото мнозинство со дефинирањето на бракот во Уставот како заедница на еден маж и една жена се заштитува семејството како основна клетка на општеството и се става во највисокиот општествено правен акт во Уставот, со што се заштитуваат и зацврстуваат и родителските, а со тоа се заштитуваат и промовираат правата на детето.

На седницата дел од пратениците изнесоа податок дека 90-95 проценти од граѓаните на Република Македонија ценат дека бракот треба да биде заедница меѓу еден маж и една жена.

„За“ и „против“ истополовите заедници

Во Македонија за истополови заедници се залагаат некои невладини организации и припадниците на ЛГБТ заедницата.

Досега во неколку земји од Европа, како Германија, Франција, Шпанија може да се легализираат истополовите заедници.

Наспроти тоа еден друг дел од Европа се уште силно стои зад бракот меѓу маж и жена. Меѓу земјите во кои бракот е дефиниран како заедница на маж и жена со закон се Албанија, Литванија, Бугарија, Белорусија, Црна Гора, Србија, Украина, Чешка Република, Унгарија,  Естонија, Кипар, Грција... Во групата држави кои немаат законско признавање на хомосексуалните парови се Романија и Словачка. 

 

Поголем број од новите членки на Унијата се за традиционален брак

Со влегувањето во Европската унија новите членки беа соочени со предизвиците да го дефинираат бракот како заедница на маж и жена или да ги прифатат барања за легализација на хомосексуалните бракови. Но, ретко кој од нив го прифати трендот од западноевропските држави за легални геј-заедници. Така, 10 од 13 нови членки на ЕУ, главно од југоисточна Европа, од 2004 година наваму ги забрануваат или не ги признаваат хомосексуалните бракови.

Процедура за носење на уставните измени треба да заврши во октомври

Предлагач на уставните измени е Владата на Република Македонија. Процедурата за носење на уставните измени треба да заврши за 3,5 месеци, односно според очекувањата до средината на октомври.

Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот и тоа за буџетскиот дефицит и јавниот долг, промена на називот на Народната банка на Република Македонија, воведување на институтот „уставна жалба“, промена на составот на Судскиот совет, промена на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, пристапување кон измени на Уставот, со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија, се предлозите за уставни измени што на 28 јуни ги соопшти премиерот Никола Груевски. 

Потребата за измени на Уставот, Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство ја утврди на седницата одржана на 16 јули.

Уставните измени се вратени во Владата, која во рок од седум до десет дена треба да изготви нацрт-амандмани, за кои во текот на следните триесет дена треба да се гласа во Собранието.

Според процедурата, откако ќе го поминат собранискиот филтер, нацрт-амандманите се враќаат во Владата. Се очекува овие нацрт-предлози да се изгласаат до крајот на август по што ќе бидат дадени на јавна дискусија. Сите засегнати во периодот на јавна дискусија ќе имаат можност да дадат свои предлози по што Владата ќе треба во рок од 30 дена да изготви предлог - амандмани и да ги врати во Собранието. За секој предлог - амандман ќе се гласа поединечно со двотретинско мнозинство. 

Последните измени на Уставот на Република Македонија беа донесени на 12 април 2011 година.

Извор: МИА

21.07.2014 - 10:33
Фото: 
безпардон
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега