Пратениците расправаат за уставните измени

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на деветтата седница расправа по Предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

Со предложените измени се бара попрецизно дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена,  прецизирање на фискалните правила во буџетот со ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти и на јавниот долг од 60 проценти од БДП, промена на називот на Народна банка во Банка на РМ. Со измените се предлага и воведување на институтот уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промени на надлежноста за одлучување на одлуките по жалба на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, како и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија. 

Во образложението на уставните измени, министерот за правда Аднан Јашари рече дека значајна новина во однос на Судскиот совет е неговиот состав.

- Советот е составен од 15 члена и тоа има членови и врз основа на функцијата како што е  претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда. Осум члена на Советот се од редот на судиите и ги избираат судиите на тајни и непосредни избори. Од овие осум члена тројца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија со што на некој начин се зачувува и правичната и соодветна застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Македонија, истакна Јашари.

Исто така, посочи тој, во Судскиот совет има и тројца членови кои ги избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Нагласи дека покрај наведените членови, во составот на Советот има и два члена кои ги предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Потенцира дека во однос на членовите кои не се од редот на судиите, е пропишано дека членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокати и други истакнати правници.

- Заради унапредување на судскиот систем воочена е потребата за унапредување на положбата на судската власт преку имплементирање или обезбедување на највисоки европски стандарди кои се спроведуваат во државите-членки на ЕУ. Во оваа насока се предлага редефинирање на составот на Судскиот совет преку зголемување на бројот на судиите членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите. Се предлага постојниот број од осум да се зголеми на десет члена. Се предлага редефинирање на составот на Судскиот совет во однос на исклучување на членовите по функција, министерот за правда и претседателот на Врховниот суд од составот на Судскиот совет, рече Јашари.

Наведените измени, како што појасни, се предлагаат поради усогласување на уставните одредби со меѓународните стандарди кои се спроведуваат во земјите-членки на ЕУ.

- Втората област поврзана со судството е во однос на редефинирање на надлежноста за одлучување по жалба на одлуките на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители на Република Македонија кога тие донесуваат одлука за избор или разрешување или друга изречена дисциплинска санкција кон јавен обивнител. И овој предлог има за цел усогласување со меѓународните стандарди, посочи Јашари.

Интенцијата е, нагласи министерот, инкорпорирање или проширување на надлежноста на Уставниот суд кога тој ќе донесе одлуки врз основа на жалбите против одлуките кои е претходно донесени.

- Со измените се предвидува уставната жалба да стане посебен уставен институт и целта на предлогот е поврзана со заштита на правата и слободите на човекот кои се дефинирани и утврдени во Уставот. Со оваа иницијатива во однос на уставната жалба, се предлага воведување или проширување на надлежноста на Уставниот суд во случај кога се изготвува некоја жалба против индивидуални акти или пак дејства на државните органи, единиците на локалната самоуправа, носителите на јавни овластувања, во сите случаи кога е во однос на прекршување на основните човекови права и слободи итн., истакна Јашари.

Во однос на дефинирањето на бракот изрази увереност дека уставните измени ќе овозможат едно попрецизно дефинирање на бракот или брачната заедница поради што и се наметнува потребата од измена на Уставот во овој дел.

- Бракот е еден од основните столбови на општеството. Во Република Македонија бракот е дефиниран со неколку закони, Законот за семејство итн., меѓутоа тоа како такво во Република Македонија не се смета како уставна категорија, туку е законска категорија. А интенцијата зошто сега се предлага бракот како законска категорија да се трансформира во уставна категорија, е непосредно поврзана со целта на бракот или, пак, брачната заедница, посочи Јашари.

Во областа на финансиите или финансискиот систем, нагласи, исто така во оваа иницијатива се предлагаат неколку измени.

- Како прво се предлага редефинирање на именувањето на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија. Како второ, се предлага со овие измени да се предвидат некои правила што се поврзани непосредно со финансиската област или, пак, фискалната област со коишто во духот на строгиот финансиски дух се наметнува потребата од лимитирање или нормирање на буџетскиот дефицит во висина не повеќе од 3 проценти од БДП, односно јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60 проценти од БДП, појасни Јашари и додаде дека се предлага формирање или создавање меѓународна финансиска зона во која што ќе важат посебни правни финансиски правила секогаш усогласени со највисоките меѓународни стандарди, рече Јашари.

Посочи дека последниот предлог е директно поврзан со Државниот завод за ревизија, Заводот кој во Република Македонија исто така како и бракот е законска категорија, а сега се дефинира со Закон за државна ревизија.

- Сега се предлага и оваа законска категорија да премине во таа т.н. уставна категорија и тенденцијата во оваа насока зошто се предлага овој последен предлог е непосредно поврзување со исполнување на критериумите на Европската комисија за обезбедување независност на овој толку битен орган како што е Државниот завод за ревизија, Националната програма за усвојување на правото на ЕУ како краткорочен приоритет е утврдено и изготвувањето на Предлогот за пристап кон измените на Уставот со цел дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија. И реализацијата на овие обврски или, пак, инкорпорирањето на Државниот завод за ревизија во уставна категорија е обврска во насока на зајакнување на независноста на Државниот завод за ревизија, додаде министерот Јашари.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз рече дека да се менува Уставот на Република Македонија или да се отвора Уставот е исклучително одговорна и сложена и тешка задача, неопходни се консултации, подготовки се со цел тоа што ќе дојде во Парламентот, бидејќи предлагач е Владата, да биде многу добро образложено.

Според него, недостига една сеопфатна анализа на областите, нема компаративни податоци, нема мислења од институциите каде што се менуваат областите. Можеби, истакна, има предлагачот, меѓутоа тие материјали, тие анализи не се доставени до Парламентот.

- Околу потребата да се редефинира составот на Републичкиот судски совет, мислам дека е ред Судскиот совет или Министерството за правда, работна група да подготви сеопфатна анализа за тоа како функционира Републичкиот судски совет. Таква анализа недостасува, дали има проблеми, дали тој Совет е резистентен, отворен на политички влијанија, понатаму како и на кој начин ја согледува работата на судиите, на судовите, дали со стратегијата за реформи во судскиот систем донесена 2004 година имаме значителни подобрувања, кои се слабостите, со цел да имаме една релевантна, објективна анализа и врз основа на таква анализа да пристапиме кон промена на Уставот во делот што е поврзан со работата на РСС кој треба да биде гарант за независноста, самостојноста и ефикасноста на судскиот систем во целина, рече Трајанов.

Посочи дека има потреба од реформи или неопходни се дополнителни реформи на судскиот систем во целина, вклучително и составот, надлежностите на РСС.

- Промените што се предлагаат да се зголеми бројот на членовите на РСС од редовите на судиите мислам дека во основа е прифатливо, меѓутоа на нас ни се неопходни цврсти критериуми кој може да биде член на РСС и тие што ги предлага Парламентот, и тие што ги предлага претседателот и тие што ги бираат судиите. Вака, ако составот не е одраз на квалитет и на стручни луѓе, истакнати правници или судии кои имаат доволно искуство, кои се отпорни на можни влијанија, кои се докажале во својата работа тогаш РСС тој е ранлив и не може да оддолее на политичките влијанија и притисоци и кога се бираат судиите и кога се разрешуваат, потенцира Трајанов. 

Според него, добро е во овој дел што има идеја за промена на Уставот, но смета дека треба паралелно да се размислува и за промена на Советот на јавни обвинители затоа што по функција таму е Јавниот обвинител член, а ако се има во предвид дека Јавниот обвинител го избира Парламентот по предлог на Владата, тој е во исклучително силна позиција особено што сега согласно новите измени на Кривичниот законик, тој има доминантна положба при водењето на кривична постапка.

- Не треба тој да биде член како што не е член претседателот на Врховниот суд, ниту пак министерот за правда во РСС. Заедно треба да се гледа во целина без разлика што членството на ЈО на РМ не е дефинирано во Уставот дека тој мора да биде член на Советот на ЈО. Бидејќи имаме и искажување од министерот дека се подготвуваат на голем број на закони во судската област, добро е околу тоа прашање да се отвори расправа. Во целина сакам да има опсежна расправа по сите промени што ги предлага Владата, истакна Трајанов.

Во врска со уставната жалба, укажа дека добро е да се штитат основните права на граѓаните и преку овој институт.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците кои не доаѓаат на работа во Собрание, а имаат добиено мандат од граѓаните на Република Македонија, да ја прифатат личната одговорност дека, како што рече, во еден ваков клучен момент кога се разговара за уставното уредување на РМ тие својата партија и своите лични интереси ги ставаат на приоритетно место.

- Тоа е недозволиво. Во овој момент државните интереси, сериозната дебата, дури некогаш и намерното контрирање и критикување е подобро за државата и е државен интерес отколку личната или партиската агенда која што ја тераат пратениците кои не доаѓаат на работа во Собранието. Ценам дека одговорно би било од нив да се вклучат во оваа расправа во оваа фаза, во втората или во третата фаза од измените на Уставот, рече Димовски. 

Според него, воведувањето на Државниот завод за ревизија (ДЗР) како уставна категорија, е многу одговорен предлог од страна на Владата заради тоа што тоа како препорака доаѓа од многу релевантни институции чија интенција е ДЗР е да има дополнителна зајакната независност во системот на функционирање во државата.

- Ова е одговорен исчекор којшто заради тоа што другиве теми ни се позвучни и поинтересни за расправа некако како да не го забележуваме. Затоа почнувам од него, заради тоа што тоа ќе значи  дополнително ослободување на ДРЗ уште посилно и уште постабилно да ги набљудува процесите на трошење на средствата собрани од граѓаните коишто се наменети за јавни интереси. Тоа ќе значи дополнителна одговорност во работата на сите институции коишто се финансираат преку Буџетот на државата, преку буџетот на локалните самоуправи или во форма на фондови, агенции или јавни претпријатија, рече Димовски.

Воведувањето на уставната жалба, посочи, исто така е предмет којшто треба да биде поздравен. Нагласи дека тоа значи дека РМ ќе воведе еден нов модел на заштита на индивидуалните човекови права кои во Уставот на РМ го зафаќаат токму почетниот дел од него.

Во врска со уставните измени со кои се бара се бара попрецизно дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, нагласи дека 90-95 проценти од граѓаните на Република Македонија ценат дека бракот треба да биде заедница меѓу еден маж и една жена.

- Постојат и други мислења, но 90-95 отсто од граѓаните мислат вака. Ова е тема за која нема етничка ниту верска поделба. Сите еднакво мислиме. Тоа е плод на традицијата која ја носиме и треба да ја негуваме и почитуваме. Европа не е пакет на либерални вредности, Европа е шаренило од вредности. Во Европа има либерални, но и конзервативни движења, има прогресивни, но и традиционални движења. Влезот на Македонија во ЕУ и чекорењето на Македонија кон ЕУ не значи откажување од нашите традиции, вредности, кои се семејни, кои се врз база на бракот, верските вредности, соживотот итн., рече Димовски.  

Во врска со уставните измени кои се однесуваат на промена на називот на Народната банка на РМ во Банка на РМ, нагласи дека тоа нема да значи финансиски импликации и замената на банкнотите ќе оди во нормална фаза.- Кога ќе има потреба да се повлекуваат заради истрошеност одреден број банкноти ќе бидат заменети со нови со новиот назив, додаде Димовски.  

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМЕ рече дека СДСМ се води по парадигмата дека молчењето е злато. - Некои велат дека молчењето е одобрување, но молчењето по однос на измените во Уставот е политичка несериозност, посочи Милошоски.

Се осврна на уставната жалба која, како што рече, ќе претставува посебен правен лек во надлежноста на Уставниот суд и ќе треба да претставува и преточување на Европската конвенција за човекови права во правниот систем на Република Македонија. Според него, тоа значи дека таа ќе биде алатка на располагање на секој граѓанин кој смета дека со поединечни или со општи акти, од носители на јавни функции, функционери на институции или други установи им се повредени одредени нивни основни човекови права или слободи.

- Уставната жалба и нејзиното воведување очекувам да ја зголеми соработката меѓу Уставниот суд на Република Македонија и Судот за човекови права во Стразбур, да ја усогласи дополнително праксата на нашиот Уставен суд и другите инстанци пред Уставниот суд и Уставната жалба со пракасата на Судот за човекови права во Стразбур и со тоа да ги намали поплаките, жалбите и обраќањата на граѓани на Македонија до Судот во Стразбур, рече Милошоски.

Во врска со промена на составот на Судскиот совет, рече дека со измените на местото на двата члена по функција ќе има двајца нови судии избрани на непосредни и тајни избори од редот на судовите. 

- Со измените ќе има две третини судии кои се избрани на непосредни избори од страна на судиите и пет членови вио Судскиот совет односно една третина кои ќе бидат избрани од Собранието по предлог на Комисијата за избори и именувања и по предлог на претседателот на државата. Сметам дека со ваквите измени ќе постигнеме поголема независност и поголема самостојност на Судскиот совет, а со тоа и на судската фела и судството во целина, истакна Милошоски.

За воведувањето на високите фискални правила рече дека нивното непочитување во некои држави ги довело тие држави до банкрот и во тешка должничка криза. 

- Преточувањето на нормите од Спогодбата за фискалната стабилност на ЕУ во Уставот на РМ ќе претставува еден силен знак дека Република Македонија дури и пред членството во ЕУ е спремна да ги следи највисоките правила кои во моментов се и најактуелни во Унијата. Границата за буџетскиот децифит ќе биде најмногу до три проценти од БДП, а горната граница за јавниот долг ќе биде најмногу до 60 проценти од БДП. Македонија со ваквите измени во Уставот ќе покаже голема фискална одговорност, спремност за буџетска дисциплина, спремност да ги примени највисоките норми на ЕУ и подготвеност секоја политичка гарнитура ефикасно да управува со јавните финансии, истакна Милошоски.

Смета дека со дефиницијата на бракот во Уставот како заедница на еден маж и една жена се заштитува семејството како основна клетка на општеството и се става во највисокиот општествено правен акт во Уставот, со што се заштитуваат и зацврстуваат и родителските, а со тоа се заштитуваат и промовираат правата на детето. 

Лилјана Поповска од Демократска обнова на Македонија, во врска со дефиницијата на бракот која се предлага сега во Уставот, рече дека не смета дека бракот е загрозен, постои широк политички и граѓански консензус за бракот.

- Тоа е милениумска институција и кај нас и во светот која функционира токму така како што се предлага, како заедница меѓу еден маж и една жена. Не знам во Македонија да има некој повеќе жени или повеќе мажи во еден брак. Бракот е многу важна клетка на општеството која е особено важна за воспитанието на младите генерации. Уставните измени ќе се изгласаат вклучително и дефиницијата на бракот во Уставот, што ќе значи само потврдување на веќе постојните дефиниции од двата закона и од Уставот во членот 40. Нема да има суштинска промена за најголем број граѓани, но од помала група наши сограѓани кои се ЛГБТ луѓе може да се сфати како негирање на нивното постоење и нивната различност, рече Поповска.

Ова, посочи таа, го поврзуваат со фактот што во Законот за спречување на дискриминација не е внесена формулацијата сексуална ориентација како еден од основите за дискриминација.

- Факт е дека ЛГБТ луѓето постојат во Македонија. Нивното постоење нема да се смени во зависност од тоа дали ќе има еден или друг закон, дали е има една или друга формулација во Уставот. Тие се малцинска група како и секаде во светот, но ние имаме обврска да ги штитиме и нивните права, како и на секој еден граѓанин во земјата. Ќе ги поддржам уставните измени. Истоивремено најавувам иницијатива за дополнување на Законот за спречување на дискриминација со формулацијата сексуална ориентација како еден од основите за дискриминација, истакна Поповска. 

Додаде дека на тој начин би се постигнал баланс за што ЛГБТ луѓето ќе добијат јасна порака и гаранција дека и нивните права во Македонија се заштитени со закон како и за сите граѓани.

Седницата на Собранието ќе продолжи по редовната пауза, односно во 15 часот. 

МИА

16.07.2014 - 14:52
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега