Жешка шлаканица од Нуланд за СДСМ

Ден по посетата на Американскиот заменик државен секретар за Европа и за Евроазија, Викторија Нуланд, останаа три јасни пораки што се однесуваат на македонската политичка актуелност, пишува Република.

Високиот претставник, тука, во Скопје, ги пренесе честитките од Вашингтон за новиот премиерски мандат на Никола Груевски.

-Имавме искрен и отворен разговор со премиерот, во новиот мандат како претседател на Владата- посочи Нуланд со што беше јасно изразен ставот на Вашингтон кон внатрешно- политичката ситуација во земјава која вештачки се креира од опозицијата. Поддршка доби и владејачката ВМРО- ДПМНЕ, преку изразеното задоволство од реформската програма.

- Јас бев задоволна што го слушнав реформскиот план- посочи Нуланд со што се потврди дека САД во програмата на ВМРО- ДПМНЕ гледа вистинска насока по која треба да се движи Република Македонија.

Вториот момент од јавниот настап за време на посетата на заменикот американски државен секретар е изостанувањето воопшто да говори за политичките однесувања на македонската опозиција. Дури и по поставено прашање од новинар близок со партискиот врв, кое веќе се коментира како нарачка директно од СДСМ, Нуланд воопшто не се осврна на тој дел, повикувајќи се на своето воведното излагање дека сите треба да работат за просперитет на државата.

- Како што реков, разговаравме за потребата од политичка хармонија, меѓуетничка хармонија за просперитет- кусо посочи Нуланд.

Од тука доаѓа и најголем удар од меѓународната заедница на политиките на креирање на криза кои ги наметнува СДСМ. Вашингтон разговара со Груевски, но не и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како никогаш до сега, при посета на висок претставник од САД или од ЕУ, овој пат изостана средба на високиот американски претставник одговорен за Европа и Евроазија со претседателот, но и со било кој друг член од раководството на СДСМ.

Со тоа јасно е посочено не само изостанувањето на поддршка во нивните напори за креирање на криза или за рушење на угледот на државата преку негирањето на изборниот процес во целост и на највисоката демократска институција- Собранието на Република Македонија. Тој чекор на  Викторија Нуланд со комплетното негирање на СДСМ во целина, но и на состојбите кои СДСМ се обидува да ги прикаже во меѓународната заедница, јасно укажува на потполно погрешните политики на СДСМ. САД отворено застанува зад политики кои носат просперитет на државата, а не зад политики  кои немаат ништо друго за цел освен да и наштетат на сопствената земја на сметка на лична корист.

Секако, во овој контекст не смее да се заборави ниту биографијата на Викторија Нуланд. Таа и на почетокот на нејзиното обраќање до медиумите потсети дека добро ги познава состојбите во Македонија каде престојуваше од 2005 до 2008 година. По сето ова тоа, јасно е дека планот на СДСМ е премногу провиден и за Нуланд и за САД, исто како и за огромното мнозинство од македонската јавност. Останува на СДСМ, односно на изгласаните пратеници дали ќе го продолжат самоубиствениот пат за партијата зацртан од раководството, или ќе проработи свеста за работа и за партијата и уште повеќе, како што неколкупати посочи Нуланд, за просперитетот на Република Македонија, пишува Република.

15.07.2014 - 13:25
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега