81 пријави од луѓе во Би-Би-Си за сексуално насилство против Џими Савил

Вкупно 81 пријави за сексуално насилство против сега покојниот радио и телевизиски водител Џими Савил, се регистрирани од луѓе вработени или ангажирани во Би-Би-Си.

Според податоците на оваа јавна британска медиумска компанија, дури 152 лица пријавиле дека пред многу години биле изложени на сексуално насилство или дека биле сексуално злоупотребувани од Савил и неговиот круг на пријатели и соработници, но таа бројка подоцна на сведена на сегашните 81 пријави.

Лондонските медиуми тврдат дека 40 од оние кои ја пријавиле поранешната ѕвезда за неговото криминално однесување, со во тоа време, малолетни девојки, се уште работат, или се ангажирани од Би-Би-Си како соработници и учесници во правењето разни програми за компанијата.

Џими Савил умре во 2011 година,на 82 годишна возраст, како угледен и почитуван човек, не само поради неговата улога и популарноста во шеесетите и седумдесетите години на 20 век, кога беше водителска ѕвезда во Би-Би-Си и во Велика Британија, туку повеќе и за неговата хуманитарна работа, помагајќи им на хендикепираните деца.

Само една година по смртта и погребот со државни почести, се откри скандалот околу двојниот морал и настранто однесување на Савил и на кругот луѓе околу него, кои ја злоупотребувале популарноста, за сексуално насилство врз млади девојки и постари малолетнички, во времето кога Савил ги правеше своите популарни музички програми, откако почнаа да се јавуваат неговите жртви, тврдејќи дека тој не заслужува никаква почит.

Скандалот го погоди и Би-Би-Си затоа што со години на ред, раководните луѓе во компанијата знаеле или имале сознанија за педофилијата и однесувањето на Савил, но го премолчувале и го криеле тоа, за да не и се наштети на угледот на компанијата.

Ескалација на скандалот настана кога од програмата во последен момент беше тргната една телевизиска емисија која требеше да го демистифицира ликот на Савил.

Во меѓувреме, осрамотената општина Скарборо, каде Савил е закопан одлучи да го тргне споменикот на некогашната телевизиска звезда од градските гробишта, а потоа и да го избрише местото каде тој е закопан. Сега општината наложи и аукција на куќата во која тој живееше и умре и на која до скандалот имаше посебно спомен обележје.

Скоталан Јард кој отвори формална истрага за целиот скандал соопшти дека доколку беше жив, Савил ќе беше уапсен и изведен на судење. Тој беше обвинет не само за сексуално насилство, туку и за сексуално злоупотребување на девојчиња во детските болници каде тој се појавуваше како донатор и хуманист.

најчитано сега