Груевски: Не е точно дека јас стојам зад одлуката за „Монструм“

Претседателот на Владата Никола Груевски во вечерашното интервју за МТВ2 ги негираше сомнежите што се појавија меѓу дел од граѓаните дека одлуката за случајот „Монструм“ била политичка, на ВМРО-ДПМНЕ или дури и негова.

- Успеја да убедат една поголема група граѓани Албанци коишто им се придружија во протестите, веројатно не со сомнеж кај поголемиот дел од Албанците во Македонија во смисла на овој судски процес, сомнеж дека тоа е политичка одлука, сомнеж дека зад тоа стои ВМРО-ДПМНЕ, сомнеж дека зад тоа стојат дури јас како Никола Груевски. Знаете што? Да направиш чекор со којшто некого ќе го осудиш цел живот да лежи во затвор, а да е невин или да нема докази за тоа, тоа е голем грев. Тоа не смее да му се случи никому и  јас не би си го дозволил никогаш мене да ми се случи, независно дали се работи за Албанци, Македонци, за Турци, за било кои други народи, луѓе, религии итн, рече Груевски.

Морам да признаам, додаде тој, дека во минатите години многу често се случуваше вината за некои  лични успеси на некои пропаднати политичари или пак на некои политички партии или пак на некои радикални групации ја префрлаа врз ВМРО-ДПМНЕ.

- Мојата грешка и грешката на ВМРО-ДПМЕНЕ е тоа што најчесто ги игнориравме и не одговаравме на тоа. Веруваме дека на граѓаните особено на граѓаните Албанци им е сосема јасно дека тоа не е така. Меѓутоа со тек на време установивме дека практично тие долгогодишни обвинувања и наши неодговарања доведоа до ситуација многу Албанци да почнат да веруваат во тие лаги, во тие манипулации, во тие измислици, рече Груевски.  

Во интервјуто тој рече дека се чуствува заслужен за многу работи со кои е придонесено за подобар живот на Албанците во Македонија.

- Јас се чуствувам за заслужен заедно со моите колеги во Владата, со коалицискиот партнер, но на чело со мене и под силна моја енергија и упорност за изградба на многу патишта, за отворање многу нови работни места и донесени инвеститори, за давање многу субвенции на земјдоелците се разбира и на земјоделците Албанци. Тоа се патишта низ коишто  Македонците, Албанците и Турците и Ромите и Власите и Бошњаците и Србите и сите останати минуваат. Се чувствувам заслужен за многу работи во здравството, за многу изградени и реновирани болници, за многу донесени опрема и апарати за болните каде што не се прави разлика дали е Албанец или Македонец. Се чуствувам заслужен за многу реформи во образованието што го подобрија квалитетот на образованеито, изјави Груевски.

Се чувствувам заслужен, продолжи тој, за многу работи коишто ги правев целиот овој период што е зад нас да помогнам на сите граѓани во Македонија независно дали се Македонци или се Албанци или се Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или кои било други или се христијани или муслимани.

- За мене сите се исти. Сите сме граѓани на Македонија. Сме живееле низ векови заедно, сме поминувале низ потешки периоди и низ полесни и поубави периоди и низ лошо и добро. И ќе останеме да живееме заедно. Тоа е нашата судбина. Тоа е нашата иднина, посочи Груевски. 

MIA

10.07.2014 - 23:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега