Утврдена потребата за носење на повеќе закони

Пратениците денеска, во рамки на попладневната парламентарна сесија, ја утврдија потребата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за постапување со бесплатно изградени објекти, се кои се предвидува бесплатна изработка на елаборати за легализација на дивоградби за околу 40.000 лица приматели на социјална и постојана парична помош.

Се предвидува исто така воведување регистар на цени на пазарот, воведување електронски шалтер на Катастарот и притоа граѓаните во текот на 24 часа ќе можат да прибираат информации што им се потребни. Исто така се воведуваат глоби и санкции за геодетските фирми.

Собранието ја утврди и потребата за носење и на измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои се предвидува електронска база на податоци.

- Во измените во Законот за превоз во патниот сообраќај се менува само една одредба која предвидува електронска база на податоци за сите издадени лиценци за такси превоз во општините во Република Македонија. Предвидуваме сите единици на локална самоуправа да ги доставува податоците до единствениот регистар кој потоа ќе овозможи правење на апликација за паметни телефони каде што ќе се овозможи на граѓаните на РМ да ги добијат основните податоци за такси возилото кое ќе го користат. Со ова на некој начин ќе воспоставиме база на податоци за сите такси возила и корисниците да се возат со лиценцирано такси возило, рече министерот Миле Јанакиески.

Пратениците ја констатираа и потребата за носење на измените и дополнувањата на Законот за градење. Министерот Јанакиески рече дека измените се однесуваат се имплементираат проекти од програмата на Владата.

- Во членот 1 којшто е усогласен со МТСП и во координација со повеќе здруженија на хендикепирани лица се овозможува за сите градби со јавни и деловни намени, градби со намена домување во станбени згради, како и станбено - деловни објекти да бидат проектирани и изградени така што на лицата со инвалидност ќе им се овозможи непречен пристап, движење, престој и работа. Со ова се овозможува сите нови градби што ќе се градат во иднина да имаат пристап за хендикепирани лица, рече Јанакиески.

Втората измена предвидува идните градби чија намена ќе биде домување во станбени згради, како и градби со станбено - деловна намена на секој десет стана да има еден кој ќе биде адаптиран за лица со хендикеп, но до максимум четири стана.

- Ова важи за сите објети што се над десет станови. Со ова им овозможуваме на лицата со хендикеп да имаат пристап, но исто така да можат без проблеми да живеат во овие станови. И ова беше едно од главните барања на здруженија на лицата со хендикеп за кои ние им ветивме дека ќе го имплементираме во законско решение, рече министерот.

Во иднина јавните површини, пешачки патеки што ќе се реконструираат или пак ќе се градат во централни градски јадра или паркови ќе мора да бидат проектирани и изведени за слепите лица да можат се движат по нив. - За сите овие детали што треба да се уредат ќе се донесат подзаконски во соработка со МТСП и организациите, вели Јанакиески.

Една од позначајните измени е сите градби во иднина да имаат приклучок за гас. Тоа, според Јанакиески, ќе ја олесни постапката за приклучување на објектите до идната дистрибутивна мрежа.

- Уште една измена што исто така е значајна е тоа што предвидуваме во иднина сите објекти што ќе се градат со јавна намена да мора да имаат паркинг за велосипеди, а на сите оние што се веќе изградени им се дава рок од една година да направат паркинг за велосипеди. Со ова на некој начин овозможуваме сите оние вработени и корисници на услуги во јавните установи да можат да паркираат велосипеди пред институциите, рече министерот Јанакиески.

МИА

На барање на Комората на лиценцирани проектанти се намалуваат казните за проектантите во РМ и за надвор. - Тоа е добро бидејќи претходно се одземаше трајно лиценцата. Сега се одзема со определен период за да може тоа лице или таа компанија да продолжи со активности, рече Јанакиески. 

Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ најави дека во второто читање на законот ќе поднесе амандмани за да се поедностават условите за градење. Силвана Бонева најави исто така амандмани кои се однесуваат на делот на измените за лицата со посебни потреби.

10.07.2014 - 17:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега