Силно невреме во Њујорк однесе четири животи
Во налет на силна бура на северот од американската сојузна држава Њујорк денеска загинааа најмалку четири лица, додека повеќе од 70.000 луѓе останаа без електрична енергија.
Четворица жители на градчето Смитфилд се пронајдени мртви откако моќната бура мина низ тоа место и целосно уништи неколку куќи, јави Би-Би-Си.
Градоначалникот на Смитфилд, Рич Баргабос, за локалниот весник изјави дека загинале мајка и нејзиното четиримесечно бебе, роднина на семејството и еден нивни сосед.
- Куќите се целосно уништени. Една од нив ветрот ја кренал 150 метри во воздух и ја фрлил врз куќа од другата страна на истата улица, наведе Баргабос.
Шерифот на округот Медисон, Ален Рајли, за локалните медиуми изјави дека спасувачите ги пребаруваат урнатините за евентуално да најдат други можни жртви.
Бурата ја погоди и сојузната држава Мериленд, каде во летен камп погинало едно дете врз кое паднало дрво. Во несреќата се повредени и шестмина негови другари.
Метеоролозите наведуваат дека во државата Њујорк ветрот достигнувал брзина од најмалку 100 километри на час, како и дека е можно да имало неколку помали торнада, што се регистрирани и во државите Охајо и Пенсилванија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа