Рекорд: 14 пати во 7 години - СДСМ пак го бојкотира Собранието

 

Социјалдемократите по 14 пат за 7 години ќе ја бојкотираат работата на собранието, анализира Дневник. Како што доопшти денеска опозицијата, нејзините пратеници само формално ќе учествуваат во работата на Собранието, а ќе присуствуваат само на седниците на кои ќе се носат законите поврзани со НАТО и ЕУ. Пратеничките клупи резервирани за опозицијата и денеска беа празни. Само Ивон Величковски ја следеше денешната собраниска седница, додека пратеничките од СДСМ влегоа само за да зборуваат за предлог Зконот за абортус. По тоа, само двајца пратеници на СДСМ останаа на своите работни места. Бидејќи не станува збор за целосен, туку „формален“ бојкот, праетениците, иако не доаѓаат на работа ќе ја земаат целата плата.

 Oпозицијата го исполни својот дел од обврските предвидени со политичкиот договор од 1 март. Се врати во Собранието на РМ и учествуваше на локалните избори како предуслов за исполнување на ЕУ и на НАТО-интеграциите на земјата. Од страна на власта не е исполнета ниту една преземена обврска, ниту иницирање постапка за измени на Собранискиот деловник преку градење консензус, ниту измени на изборното законодавство со вклучување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР ниту, пак, формирањето на комисијата за истражување на настаните на 24 декември - објаснуваат од СДСМ за Дневник за тоа зошто се решиле на ваков чекор

За експертите бојкотот е легитимен начин на отпор, но нивниот став е дека опозиционерите претерале со просекот од 2 бојкоти во една година.

„Бојкотот на Собранието е еден од механизмите што се на располагање на опозицијата, но неговото често користење (се случува кај нас во целиот период од осамостојувањето, без разлика која партија е на власт) ги девалвира и самиот инструмент и самото Собрание, а со тоа влијае и врз доверба на граѓаните кон таа институција.  Сметам дека честите бојкоти негативно придонесуваат кон овој (малцински) степен на доверба во Собранието и дека во основа се контрапродуктивни и треба да се избегнуваат, што впрочем го препорачуваа и претставниците од ЕУ при преговорите за учество на локалните избори. Сепак, тоа останува инструмент на опозицијата да истакне силно незадоволство од некои одлуки или постапки на власта - ја коментира за Дневник, последната најава на СДСМ, Александар Kржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)

Од владејачката партија пак велат дека веќе навикнале на ваквата политика на СДСМ

 „Kомисија не е формирана бидејќи СДСМ во континуитет ги одбива сите предлози за нејзино формирање, од тоа дека кажавме претседателот да биде предложен од страна на СДСМ, а прифатен со консензус, до предлогот на шефот на државата првиот човек на МАНУ, највисоката научна институција во државата, да раководи со ова тело, па с` до промена на форматот и на одлучувањето во комисијата. СДСМ не прифати ниту еден од нив. Оваа партија всушност нема да дозволи формирање на комисијата најмногу со цел да ја користи како изговор за своите деструктивни политики, со кои не н` изненадува, но жалиме што тоа го прават за сметка на Собранието“ - стои во денешната реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

најчитано сега