Македонските цариници се среќаваат со секакви криминалци - месецов го доживеале “врвот“

Царинската управа на Република Македонија во текот на минатиот месец поднела 10кривични пријави против 4 правни лица и 11 физички лицa.

Еве со што сé се сретнале македонските цариници:

Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

* Кривична пријава е поднесена против едно физичко лице Р.Д. државјанин на Република Албанија затоа што на  02.06.2014 година на граничниот премин Блаце по извршен претрес напатничко моторно возило со албански регистарски ознаки со кое осомничениот се приjавил за влез во државата, скриени на повеќеместа биле пронајдени вкупно 25 пакетчиња наполнети со марихуана со вкупна тежина од 15.248 грама.На ваков начин пријавениот заради продажба неовластено, држел и пренесувал опојна дрога - марихуана со што сторил кривично дело ,,Неовластено призводство и пушање во промет на опојни дроги психотропни супстанци и прекурсори“.

* Кривична пријава е поднесена против едно физичко лице А.И. државјанин на Република Албанија затоа што на 15.06.2014 година на граничниот премин Табановце по извршен претрес на  патничко моторно возило со  македонски регистарски ознаки со кое осомничениот се приjавил за излез од Македонија скриени кај моторот, под филтерот за воздух и позади инструмент таблата во внатрешниот дел од возилото биле пронајдени вкупно 2 пакувања наполнети со марихуана со вкупна тежина од 936 грама.На ваков начин пријавениот заради продажба неовластено, држел и пренесувал опојна дрога - марихуана со што сторил кривично дело ,,Неовластено призводство и пуштање во промет на опојни дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Криумчарење

* Кривична пријава е поднесена против две физички лица И.М и З.К државјани на Република Србија затоа што на ден 20.06.2014 година на граничниот премин Табановце по извршен претрес на  патничко моторно возило со српски регистарски ознаки со кое осомничените се приjавиле за излез од државата скриени во предната касета пред совозачкото седиште поточно во фабричка шуплина од возилото биле пронајдени вкупно 2 најлонски кеси од кои едната кеса била наполнета со 110 парчиња (662,6грама) златен накит додека во другата кеса еден деактиватор и 8 парчиња калауз клучеви за отварање брави. На ваков начин пријавените избегнувајќи ја царинската контрола пренесувале непријавена стока-златен накит во вкупна вредност од 1.225.810 денари со што сториле по едно кривично дело ,,Криумчарење“.

* Кривична пријава е поднесена против едно физичко лице Ј.Т.С државјанин на Република Полска затоа што на 23.06.2014 година на граничниот премин Богородица по извршен детален преглед на товарно моторно возило влекач и ладилник со полски регистарски ознаки со кое осомничениот се приjавил за влез во државата покрај пријавената стока (цреши и праски) била пронајдена и непријавена стока- праски во тежина од 9060 кгр.На ваков начин пријавениот избегнувајќи ја царинската контрола пренесувал непријавена стока-праски во вкупна вредност од 421.398.00 денари со што сториле кривично дело ,,Криумчарење“.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

* Царинската управа на Република Македонија до Основното Јавно Обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против едно правно лице од Скопје и против одговорното лице М.А. од Скопје, македонски државјанин, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. Пријавените се претходно познати на Царинската управа како сторители на истото кривично дело, против кои досега се поднесени четири кривични пријави. За потребите на правното лице, преку царинската испостава Скопје 1 била пријавена за увезно царинење разна стока во количина од 621 колети, со потекло од Република Турција. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници биле откриени вкупно 144 парчиња маици со ознака на заштитена трговска марка. Поради основано сомневање дека со наведената стока се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката застапникот ја извести Царинската управа дека има добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните 144 парчиња маици се фалсификат. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмeт на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што сториле кривично дело за кое се пријавени.

* Царинската управа на Република Македонија до Основното Јавно Обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против едно правно лице од Скопје и против одговорното лице М. И. од Скопје, македонски државјанин, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма,односно новластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. За потребите на правното лице, преку царинската испостава Скопје 2 била пријавена за увозно царинење разна стока во количина од 1045 колети, со потекло од Република Кина. При извршениот преглед на стоката биле откриени 490 парчиња УСБ кабли со ознака на заштитена трговска марка. Поради основано сомневање дека со наведената стока се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржала предметната стока. По увидот на стоката застапникот за трговската марка ја извести Царинската управа дека има добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните 490 парчиња УСБ кабли се фалсификат, односно истите го повредува нивното право на интелектуална сопственост. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмeт на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што сториле кривично дело за кое се пријавени.

Фалсификување исправа и поднесување лажни докази“

* Царинската управа на Република Македонија до Основното Јавно Обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Е.Г. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторил две кривични дела фалсификување исправа и поднесување лажни докази. Пријавената во 2013 година со една увозна царинска декларација на царинска испостава Скопје 2 увозно оцаринила употребувано патничко моторно возило. Во моментот на увозно царинење приложила купопродажен договор на кој била наведена изјава за потекло потпишана од странскиот продавач, како доказ за преференцијално потекло на возилото со цел да и биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно  увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло во фактурата, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Република Австрија, со барање за верификација на доказот за потекло – изјава за потекло. Според доставениот одговор од странската царинска администрација приложениот договор за купопродажба е фалсификат. Царинската управа утврди дека возилото увезено од пријавената не ги исполнува условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за наплата на царинскиот долг по увозната декларација, при што е задолжено пријавеното лице да ги доплати избегнатите давачки.

* Царинската управа на Република Македонија до Основното Јавно Обвинителство во Штип поднесе кривична пријава против Д.Т. од Штип, поради постоење на основано сомнение дека сторил две кривични дела фалсификување исправа и поднесување лажни докази. Пријавениот во 2013 година со една увозна царинска декларација на царинска испостава Штип увозно оцаринил употребувано патничко моторно возило. Во моментот на увозно царинење приложил фактура на која  била наведена изјава за потекло потпишана од странскиот продавач, како доказ за преференцијално потекло на возилото со цел да му биде одобрен преференцијален тарифен третман. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација и автентичноста на изјавата за потекло во фактурата, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Сојузна Република Германија, со барање за верификација на доказот за потекло – изјава за потекло. Според доставениот одговор од странската царинска администрација извозникот кој е наведен во приложената фактура ниту ги има издадено ниту ги има потпишано фактурата и изјавата во фактурата. Царинската управа утврди дека возилото увезено од пријавениот не ги исполнува условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за наплата на царинскиот долг по увозната декларација, при што е задолжено пријавеното лице да ги доплати избегнатите давачки.

* Царинската управа на Република Македонија до Основното Јавно Обвинителство во Крива Паланка поднесе кривична пријава против едно правно лице од Скопје и против И.С. од Скопје, одговорно лице во правното лице, поради постоење на основано сомнение дека сториле две кривични дела фалсификување исправа и поднесување лажни докази. Пријавените во 2013 година со пет увозни царински декларации на царинска испостава Деве Баир за потребите на правното лице, увозно оцариниле делови за моторни возила. Во моментот на увозно царинење приложиле пет уверенија за движење ЕУР.1, како доказ за преференцијално потекло на стоките со цел да им биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно  увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложените уверенија, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинска администрација на Република Бугарија, со барање за верификација на уверенијата. Според доставениот одговор од странската царинска администрација печатот кој е употребен за заверка на уверенијата за движење не е во употреба во нивната царинска испостава. Царинската управа утврди дека стоката увезена од пријавените не ги исполнува условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за наплата на царинскиот долг по увозната декларација, при што е задолжено пријавеното правно лице да ги доплати избегнатите давачки.

* Царинската управа на Република Македонија до Основното Јавно Обвинителство во Кавадарци поднесе кривична пријава против едно правно лице од Кавадарци и против А.Ц. од Кавадарци, одговорно лице во правното лице, поради постоење на основано сомнение дека сториле две кривични дела фалсификување исправа и поднесување лажни докази. Пријавените се претходно познати на Царинската управа како сторители на истото кривично дело, против кои била поднесена кривична пријава. Пријавените во текот на 2012 и 2013 година со една увозна царинска декларација на царинска испостава Гевгелија и две увозни царински декларации на царинска испостава Кавадарци за потребите на правното лице, увозно оцариниле товарни моторни возила. Во моментот на увозно царинење приложиле фактури на кои  биле наведени изјави за потекло потпишани од странскиот продавач, како доказ за преференцијално потекло на возилото со цел да им биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно  увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложените фактури, Царинската управа на Република Македонија се обрати до царинските администрации на Холандија и на Сојузна Република Германија, со барање за верификација на доказот за потекло – изјава за потекло во фактурите. Според доставениот одговор од холандската царинска администрација фактурата не е издадена и потпишана од извозникот, а според  царинска администрација на Сојузна Република Германија извозникот ги издал наведените фактури,  но ниту ги изготвил ниту ги потпишал изјавите во фактурите. Царинската управа утврди дека стоката увезена од пријавените не ги исполнува условите за преференцијален царински третман и изврши дополнителна пресметка за наплата на царинскиот долг по увозните декларации, при што е задолжено пријавеното правно лице да ги доплати избегнатите давачки.

 

 

 

 

04.07.2014 - 10:48
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега