Атина: Изјавата на Антонио Милошоски е екстремна и популистичка

Коментарите во Скопје за изјавата на премиерот Самарас за непостоење на македонски јазик се екстремни, несоодветни со историјата, неприфатливи и популистички, кои го држат Скопје надвор од Европа и НАТО.

Ова го рече портпаролката на грчката Влада Софија Вултепси како реакција на изјавата на потпретседателот на македонскиот Парламент и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски.

- Изјавата на Самарас наликува на политичар од 19 век кој нема демократски капацитет да ги признае различностите, малцинските права, јазичните особености на своите соседи. Тој не само што не може да го реши македонско-грчкиот спор, туку како творец на исиот овој ирационален спор ќе направи се за да не дојде до решение. Или решение кое што тој го замислува, може да биде тотално понижувачко за нашата држава каде што ќе инсистира не само на промена на уставното име, туку на измена и на целиот идентитет поврзан со јазикот, со нацијата и културните особености, изјави Милошоски за телевизијата „Телма“ и го повика Самарас да ги посети Леринско и Костурско за да се увери во постоењето на македонскиот јазик.

Според Вултепси, „јазик со словенско потекло и конструкција никогаш не може да се нарече македонски“ и додаде дека изјавите на Милошоски во врска со коментарот на Самарас „се придружени со дополнителен предизвик“. Таа изјави дека Милошоски не само што инсистирал на тоа дека постои македонски јазик, „туку стигнал до таму да го повика премиерот да ги посети Лерин, Воден и Костур, да се увери дека во Грција е сочуван и се зборува македонски јазик од страна на македонското малцинство“.

- Значи, според Милошоски, освен ’македонски јазик’ има и ’македонско малцинство’. А тоа ја прави позицијата на неговата земја уште потешка, коментираше портпаролката на грчката Влада.

Самарас на завршната прес-конференција по завршетокот на грчкото претседавање со ЕУ, во Европскиот парламент во Стразбур, рече дека македонскиот јазик не постои, оти го исмислиле комунистите и дека Македонија води политика на екстремни ставови и непопуштање, а не дијалог

04.07.2014 - 09:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега