Скопјани бегаат на село - селани стануваат скопјани

Повеќе од 160 скопјани лани се збогувале со животот во метрополата и создале дом во село. На нивно место дошле жители од селата, но останале и празни места. Скопскиот регион е единствен во државата во кој се поголеми преселбите од град во село, отколку од село во град.

 

Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека лани од градски во селски и од селски во градски подрачја на скопскиот регион мигрирале вкупно 355 лица. Од нив од град во село отишле 161, а од село во град 119 лица. Евидентирани се и 72 лица кои од едно село се преселиле во друго. Истовремено, во државата доминираат миграциите село-град и тие се карактеристични за останатите седум региони. Во пелагонискиот регион, на пример од село во град лани се преселиле 170 жители, а од град во село само 83. Во источниот регион од град во село отишле да живеат 79 лица, а 177 од село се преселиле во град. Во североисточниот регион соодносот е 163 преселени од село во град, наспроти 89 кои од град отишле да живеат во село. 
Селско-градските и градско-селските миграции во скопскиот регион на трендот карактеристичен за државата му пркосат повеќе години. Во сите изминати пет години за кои податоци дава ДЗС, има повеќе скопјани кои бегале на село отколку селани кои го оставиле раатот на родниот крај и дошле да живеат со забрзаниот пулс на главниот град. Статистичките публикации покажуваат дека бивши скопјани копаат ниви или едноставно само уживаат во идилата на селата ширум државата. Најмногу ги има во блиското Сопиште и по правило во селата во околината, како Зелениково, Волково, Визбегово, населбите во Скопска Црна Гора. Но распрскани се и низ целата држава: во Кривогаштани, Лозово, Маврово, Василево, Конче, Зајас... и најмногу во Желино, каде лани од Скопје се преселиле дури 42 лица.

 

Последнава деценија постарите скопјани кои имаат семејни куќи на село, кои ги користеле како викендички, трајно се населуваат на родните огништа оставајќи ги становите во бучното Скопје на децата кои не успеале да си обезбедат покрив над главата. Но, исто така голем дел од жителите на главниот, дури и стари скопјани, купуваат плацови во околните села, градат пространи куќи и уживаат подалеку од градската тескоба. Според ДЗС, најмногу од граѓаните кои се иселиле се на возраст од 35 до 60 и над 60 години.

 

Градежниците посочуваат дека ваков тренд постои од поодамна, а во последно време му се приклучуваат луѓе на кои бизнисот добро им тргнал. Тие велат дека веќе не е ин да се живее во центарот на Скопје, туку во Сопиште, кое е полно со скопски фамилии и во селата на општина Ѓорче Петров, како Волково, како и во другите во околината на градот. Главната причина е тоа што во тие села може да се води урбан живот и истовремено да се ужива во свежината, чистиот воздух, мирот и зеленилото. 
- Плацовите во селата се многу барани. Основна причина за селењето на скопјани во селата е тоа што со нив сега има добра комуникација, во сите има амбуланти, големи маркети, училишта, се што е потребно за квалитетен живот. Голем број луѓе кои го унапредиле својот бизнис веќе се селат во селата - вели претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори Сеад Кочан.

 

Целата анализа прочитајте ја во Вечер

03.07.2014 - 23:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа