„Изгоре“ снимката со која Заев мислеше дека ќе ги добие изборите

По едноиполчасовно надмудрување на адвокатскиот тим на лидерот на СДСМ, Зоран Заев со адвокатот на премиерот Никола Груевски вчера во судницата во скопскиот Основен суд 2 почна подготвителното рочиште во судскиот процес за клевета во врска со изнесените тврдења околу случајот "Македонска банка“, пишува Вечер

На самиот старт тимот на Заев, кој како и премиерот Груевски, не беше присутен во судницата се обиде да го одложи стартот на процесот поради два поднесоци добиени во периодот меѓу двете рочишта.

На самиот старт, адвокатот на Груевски, Никола Додевски побара од Судскиот совет, да не ја прифати аудиоснимката како доказ во овој случај бидејќи е нелегално прибавен, а истото се однесува и на транскриптите и на вештачењето на снимката изработено во Србија, бидејќи е по нарачка на едно лице, односно на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
- Доколку судот го прифати овој доказ тоа ќе има несогледливи последици по правниот систем во Македонија. Секој ќе може да се однесува како приватен обвинител, приватен судија, приватен спроведувач на законот и давател на наредби, рече Додевски.

Тимот на Заев пак смета дека се работи за приватна снимка која на тужителот му е дадена од лице кое учествува во разговорите.
- Единствен изговор снимката да не биде прифатена како доказ би била повреда на правото на приватност, меѓутоа се работи за снимка која веќе е јавно презентирана и верувам дека во Македонија нема кој не ја слушнал. Од оваа причина повредата на правото на приватност на тужителот не може да постои, изјави адвокатот Филип Медарски.

03.07.2014 - 23:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа