Претседателот Иванов му пиша на Обама

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод Националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 јули – Денот на независноста, упати честитка до претседателот на Соединетите Американски Држави, Барак Обама.

-По повод 4 јули - Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и големо задоволство, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки и срдечни желби за просперитет на Вашата ценета држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ, пишува Иванов во писмото.

Односите со Соединетите Американски Држави, пишува Иванов, ги ценам за исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување од посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Соединетите Американски Држави даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешнополитички цели на Република Македонија.

-Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во Европската унија, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, регионалната соработка и градењето добрососедски односи, остануваат наши највисоки надворешно- политички приоритети, но истовремено и предизвици со кои нашата држава се соочува. Во насока на што поскора реализација на овие значајни цели, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во претстојниот период, особено во пресрет на следниот Самит на Алијансата во септември оваа година, се вели во писмото од македонскиот претседател.

На крајот, додава Иванов, би сакал да ја пренесам подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со Соединетите Американски Држави во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на нашите држави.

 

03.07.2014 - 10:36
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега