Хаг осуди шестмина босански Хрвати за воени злосторства

Хашкиот суд денеска донесе пресуди за шестемина раководители на самопрогласената хрватска држава Херцег-Босна, јави Танјуг.

Некогашниот премиер на Херцег-Босна Јадранко Прлиќ со едногласна одлука е осуден на 25 години затвор, а поранешниот министер за одбрана Бруно Остојиќ на 20 години.

Командантите на Главниот штаб на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) генералите Слободан Праљак и Миливој Петковиќ се осудени на по 20 години затвор.

Командантот на воената полиција, ХВО Валентин Чориќ е осуден на 16 години затвор, додека началникот на канцеларијата за размена на заробеници Берислав Пушиќ е осуден на десет години затвор.

На сите во казната ќе им се пресмета и времето кое го поминале во притвор.

Во текот на судењето се изнесени 10.000 докази и 145 сведоци на обвинителството и 60 сведоци на одбраната.

Шестемина Хрвати во 26-те точки обвинети се за злосторства против човештвото, кршење на законите и обичаите на војување и повреди на женевските конвенции со извршување прогонство, убиства, затворање во логори, депортации на босански муслимани и друго нехрватско население од крајот на 1991 до 1994 година.

Обвинението опфаќаше злосторства извршени на подрачјето во општина Прозор, Горњи Вакуф, Јабланица, Мостар, Љубушки, Столац, Чапљина и Вареш. 

најчитано сега