Грција продолжува да ги кочи евроатланските интеграции на Македонија

Шефот на грчката диломатија Евангелос Венизелос денеска ја одржа последната прес-конференција во рамките на грчкото претседателство со Европската унија.

Според информациите на МИА, Венизелос на пресот поднел извештај за постигнувањата на грчкото претседателство кои всушност се сведуваат само на разни иницијативи, без реализирани конкретни важни проекти. Тој самиот рече дека Атина реално претседавала само четири месеци, затоа што два месеца биле потрошени за локалните избори во Грција, и изборите за Европскиот парламент во сите земји членки.

На тема спорот со Македонија, Венизелос и денеска искористи прилика да повтори дека не станува збор за билатерален спор, туку меѓународно отворено прашање.

-Без разлика на новинарското прашање, тој си го повтори ставот од пред неколку дена во Брисел дека зад спорот за името се крие суштински проблем за регионалната стабилност, демократија, почитување на човековите права и владеењето на правото, почитувањето на Охридскиот договор, почитување на договорот од март 2013, пишува МИА.

Денешната изјава на Венизелос потврдува дека и покрај неколкуте препораки од ЕК на Македонија да и се одреди датум за почеток на преговорите со ЕУ, Грција со сите можни инструменти ќе се потруди да го спречи тоа.

-Иако, пред почетокот на грчкото претседателство со ЕУ, минатата година еврокомесарот Филе му упати директна порака на Самарас дека грчкото претседатлство треба да се искористи за напредок на целиот Балкански регион, а од грчкиот премиер се очекува да каже како да се интегрираат земјите што се надвор од ЕУ, тоа за изминативе шест месеци не се случи, пишува МИА.

За да докаже дека прави нешто во врска со Балканот, грчкото претседателство во мај ја организираше министерската конференција ЕУ-Западен Балкан, но само како потсетување на Солунскиот самит од 2003 година.

- Со состанокот во Солун, го оживеавме споменот на Солунската агенда од 2003 година, рече денеска Венизелос.

За другите земји од регионот, Венизелос истакна дека Србија официјално ги почна преговорите, но се уште не е отворено ниту едно поглавје, додека Албанија доби статус на земја кандидат за членство што не мора да значи ништо, затоа што „во регионот има кандидати за членство од 2005 година кои се уште не ги почнале преговорите“.

30.06.2014 - 14:46
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа