Промена на составот на Судскиот совет за зајакнување на независноста на судството

Промена на составот на Судскиот совет е еден од предлозите на Владата за промена во Уставот.

Според Владата, оваа промена ќе придонесе за зголемување на бројот на судии избрани од страна на судиите, а ќе се исклучат членовите од Судскиот совет по функција министер за правда и претседател на Врховниот суд како што беше досега. Ова беше и една од клучните забелешки од странците, а беше воведена како уставно правило во 2005 година од страна на СДСМ.

Судскиот совет досега го сочинуваат 15 члена, меѓу кои по функција членови се и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда. Осум члена на Советот се од редот на судиите, тројца ги избирамакедонското Собрание и двајца ги предлага претседателот на Република Македонија. Со измените се предлага зголемување на бројот на судии членови на Судскиот совет избрани од страна на судиите.

- Со оваа иницијатива се предлага промена на составот на Судскиот совет во однос на исклучување на членовите по функција – министерот за правда и претседателот на Врховниот суд и зголемување на бројот на членови на Советот, кои се избираат од редот на судиите, односно се предлага постојниот број од осум да се зголеми на 10, истакна Груевски, објаснувајќи дека зголемувањето на бројот на членовите судии се предлага заради натамошно јакнење на независноста на судството.

Груевски посочи дека наведените измени се предлагаат заради усогласување со меѓународните стандарди во областа на правосудството кои се превземени од најголемиот број на европски држави како и исполнување на препораките на ГРЕКО.

28.06.2014 - 15:21
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега