Именуван директор на новата Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи

На седницата на Владата одржана вчера, за директор на новоформираната Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи е именувана д-р Елизабета Зисовска, насловен вонреден професор по Клинички медицински науки.

Зисовска е специјалист педијатар и доктор по медицински науки, вработена на Одделението за новородени деца, при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје. Од 2004 година, Зисовска работи како научен соработник на Медицинскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, додека од 2010 година е избрана во наставно-научно звање насловен вонреден професор по Клинички медицински науки на Факултетот за медицински науки, во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Досегашната професионална кариера на д-р Зисовска опфаќа поголем број објавени стручно-научни трудови во земјата и во странство, реализирани престои во странство и одржани предавања во рамки на стручни европски и светски конференции и семинари.

Инаку, во надлежност на новоформираната Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи во Република Македонија, е развивање систем за акредитација усогласен со европската и меѓународната пракса од оваа област, како и спроведување едукација од областа на квалитетот на здравствената заштита и акредитацијата, утврдување на стандарди за акредитација на здравствените установи, процена на квалитетот на укажаната здравствена заштита на пациентите, акредитација на здравствените установи, рангирање на здравствените установи, и издавање сертификат за акредитација.

28.06.2014 - 12:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега