Николовски: Зголемена откупна цена и поголеми приходи на лозарите преку новиот Закон за виното донесен од СДСМ


Дозволете во име на СДСМ, од тука од Кавадарци, да посакаме успешна манифестација Тиквешки гроздобер 2024 година, да посакаме богат род, задоволни лозари и добро вино од оваа берба, изјави пратеникот од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски.

Производството на грозје и вино е изложено на брзи промени како на условите за пазарот така и на климатски промени и затоа е потребно да се продолжи и понатаму со силна поддршка, храбри политики, програми и мерки се со цел - раст и развој на овој сектор за кој како држава имаме голем потенцијал, посочи Николовски.

„Изминатите години го поставивме овој сектор како еден од најприоритетните во делот на поддршката од Владата и државата. Решававме напластени проблеми од пропаднати винарии и измамени лозари, носевме револуционерни законски измени, програми, грантови за да потикнеме развој на семејните винарии, постојано ги слушавме лозарите и носевме дополнителни мерки, субвенциите беа редовни и неселективни и ги зголемувавме во време на криза, ја зголемивме поддршката и преку новите мерки што ги воведовме како зелената нафта која оваа година изнесува 9600 денари по хектар, интервентниот фонд, авансна предвремена исплата на дел од субвенциите за прв пат во 2023 година, за прв пат донесовме десетгодишна стратегија со јасни цели за развој на лозарството и винарството до 2034 година, а претходните 3 години се работеше а оваа година и го донесовме и новиот, модерен и европски Закон за виното.

Цената на грозјето во последните 5 години е во постојан пораст (просечна откупна цена на смедеревката во 2016 година била 10.63 денари а во 2023 година 15.58 денари, вранецот во 2016 година бил 12.79 а во 2023 бил 18.78 денари.), а со донесување на новиот Закон за виното за прв пат, благодарение на политиките на СДСМ, се овозможи загарантирана откупна цена на грозјето“, рече Николовски.

Николовски посочи дека за прв пат ова е регулирано со закон, ги штити лозарите и предвидува обврска и казни за откупувачите. Законот води кон зголемување на цената на грозјето а преку тоа и повисока цена на виното произведено во шишиња.

„Со новиот Закон за виното од 2025 година ќе се изготвува и посебна годишна програма за финансиска поддршка во лозарството. Законот го регулира системот на географски ознаки, организациите на производители каде клучно влијание ќе имаат лозарите, гради препознатливост на виното и воведува стандарди, се усогласува со ЕУ

Претходно имавме вкупно 70 регистрирани винарии додека со измените кои се направија во Законот за вино во 2019 год. и новите правилници со кои се олеснија условите за регистрирање на мали семејни винарии денес имаме повеќе од 260 регистрирани винанрии со над 1.000 нови етикети. За кои потоа следеше и финансиска поддршка преку грант од 10.000 евра каде за само три години се поддржаа вкупно 140 мали семејни винарии за набавка на опрема и ангажирање на стручни лица“, истакна Николовски

Николвски потенцираше дека виното е на врвот и во однос на извозната вредност на нашите земјодеслски производи. Денес сме први во регионот и 13 во светот по извоз на вино. Како резултат на политиките расте извозот на флаширано вино и неговата цена што беше наша клучна цел. Извозот на флаширано вино во 2016 година е 22 милиони а во 2023 година е 38 милиони евра. Вредноста на литар извезено флаширано вино била 1 евро во 2020 и 2,11 евра во 2023 год. Оваа година очекуваме извозот да стигне близу 60 милиони евра и затоа е потребно и финансиска поддршка и за винариите да продолжи

„За развојот на лозарството и винарството доказ е и нашата регионална лидерска позиција во искористеност на ИПАРД2 програмта во последните 5 години каде токму овој подсектор води во однос на  другите подсектори во искористеноста на финансиските средства од ЕУ за набавка на опрема, модернизација, подигање на насади и развој на винскиот туризам кој заедно со руралниот туризам во иднина треба да биде во нашиот фокус и да привлече се поголем број туристи, а со самото тоа да се зголеми потрошувачката на вино и цените на флаширано вино

Во делот на развој на винскиот и рурлниот туризам создадовме можност преку нови национални програми и домашно финансирање за малите бутик винарии и денес сме сведоци и на нови мали винарии но и на нови угостителски и сместувачки капацитети во рамки на нив. Со тоа малите семејни винарии прераснаа во нова успешна македонска приказна

На крајот, силно се посветивме на поддршката за промоција на македонско вино преку меѓународни саемски манифестации со тоа што од 2018 година навака ја зголемивме на еден милион евра оваа поддршка при што сите саеми кои беа побарани од винариите беа и финансиски поддржани, го промовиравме нашето вино на повеќе континенти, со што се придонесе за промоција на македонското вино во светот а со тоа и проширување на меѓународните пазари за извоз.

Затоа, за долгорочен развој на овој сектор денес имаме за прв пат национална  стратегијата, имаме европски закон и сметаме дека треба да има континуитет и да се продолжи напред, со зголемена поддршка, инвестиции во модернизација, напредни технологии и практики до подобар квалитет на грозјето и нашето вино, градење на препознатлив имиџ до повисоки извозни цени, зголемен девизен прилив и пред се зголемување на цената и вреднување на трудот на производителите“, вели Николовски.

07.09.2024 - 13:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега