Николовски: Над 180.000 пензионери ќе добијат платежни картички, пратениците да гласаат за ребалансот
Со ребалансот на Буџетот за 2020 година што е во собраниска процедура, се обезбедуваат 470 милиони евра за четвртиот сет економски мерки, истакна денеска на прес-конференција пратеникот Илија Николовски од СДСМ.
Според него, од нив, 27,6 милиони евра ќе бидат наменети за домашни платежни картички во вредност од 6.000 денари.
-Со оваа мерка, над 180.000 пензионери со пензија до 15.000 денари ќе добијат домашни платежни картички со кои ќе можат да пазаруваат. Покрај пензионерите со минимална пензија, платежни картички ќе добијат и лицата кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи. Ова е директна помош за над 180.000 наши сограѓани, ова значи зајакнување на нивната куповна моќ и поттикнување на приватната потрошувачка, рече Николовски.
Според него, ова е вистинска грижа за нашите највозрасни сограѓани.
-Ги повикувам колегите пратеници од сите политички партии да дадат поддршка и да го изгласаме ребалансот на Буџетот за 2020 година. Со тоа им помагаме на нашите сограѓани и помагаме на нашата македонска економија побрзо да излезе од економската криза што го има зафатено целиот свет. Како парламентарно мнозинство остануваме посветени на реализација на мерките и политиките што значат вистинска грижа за нашите граѓани, вели тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа