Николовски: Ќе најдеме решение со Бугарија- Тој договор е потпишан и напишан на македонски јазик

Поставувањето вицепремиер кој има портфолио за борба против корупција и криминал, праќа силна порака дека отвораме силен фронт бескруполозен, неселективен, законот мора да важи за секого подеднакво, никој не смее да смета на партиска поддршка доколку згреши. Ние таа порака веќе ја праќаме и тоа е процес низ кој ќе се движиме. Мора да продолжиме со силни реформи во делот на борбата против корупцијата и во функционалноста на системот.

Ова се пораките што вечерва ги упати Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси во гостувањето во дневникот на Сител телевизија.

Најави дека ќе се држат до етичкиот кодекс, што се однесува и за министрите и за сите функционери.

На прашањето каква е неговата соработка со Јавното обвинителство и со ДКСК, Николовски посочи дека досега како слабост е утврдено и на што се работи, е координативната улога на сите институции под извршната власт односно извршните тела кои треба да ја зголемат комуникацијата, координацијата и интероперабилноста на податоците, за да има поголем ефект.

-Улогата и моја и на Влада да имаме посилна алка за комуникација и координација и со останатите тела, дали е тоа ДКСК, Државниот завод за ревизија, каде навистина треба да ги јакнеме капацитетите, јавното обвинителство кое има потреба од кадри, капацитети кои се кредибилни и ќе одговорат на предизвиците пред кои се наоѓаме, рече тој.

Во однос на корупцијата, прашан дали ќе му биде тешко  доколку добие информации дека финансиската полиција води истрага за некои од неговите сопартијци од највисокото раководство, тој дециден дека воопшто нема.

– Ние таа порака вчера на конгресот ја упативме и токму затоа ги правиме измените на Статутот, токму затоа воведуваме нови методи, алатки и ја праќаме пораката дека мора Законот да важи за сите. И тоа се случува и досега, но уште посилно тоа мора да го применуваме и во периодот што следи за навистина да ги водиме и преговорите со ЕУ и да го трансформираме општеството и навистина да направиме се што е во нашата моќ како нова генерација политичари растеретени од се навистина да оставиме еден траен белег во развојот и трансформацијата на ова општество во овој период, рече Николовски.

Во однос на прашањето со Бугарија и неизвесноста дали до крајот на оваа година ќе почнат преговорите со ЕУ, но и за  какви писмени гаранции се работи за Бугарија, вицепремиерот Николовски изрази уверување дека во периодот што следи ќе се најдат решенијата.

– Тој договор е потпишан и напишан на македонски јазик. Воопшто немам сомнеж, меѓутоа треба да оставиме да се најдат соодветните механизми и решенија, што ги дава самиот договор за добрососедство и соработка, потпишан со Бугарија. Убеден сум дека овој правец води кон првата меѓувладина конференција, почеток на преговорите. Сите треба да се зафатиме со внатрешните проблеми, со она што е предизвик на општеството во овој втор мандат на оваа Влада, а тоа е трфансформација на целокупното општество и европеизација, рече вицепремиерот Николовски.

Прашан како генерален секретар на СДСМ, дали се прават напори за постигнвуање политички консензус за мерките потребни во однос на справувањето со коронавирусот, Николовски одговори дека цврсто треба да се стои на мерките што ги предлага Комисијата за заразни болести, бидејќи тие најдобро знаат. Тој порача да се почитуваат мерките, препораките и да не се кочат процесите и измените што се потребни во самите закони да бидат донесени.

– Мислам дека не треба да преговараме, да договараме политички и партиски за мерки што доаѓаат од Комисијата за заразни болести, кои сите терба да ги почитуваме. Не сметам дека во моментот полициски час ќе даде ефект или некои други построги мерки, рече меѓу другото Николовски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.10.2020 - 21:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега