Николовски: Годинава двојно зголемено производството на сончоглед за масло за јадење
Годинава двојно е зголемено производството на сончоглед како суровина за производство на масло за јадење, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Голем придонес за ова, според министерот, е успешната политика на субвенционирање на земјоделците, која беше воведена по енормното поскапување на зејтинот во маркетите.
-Политиките кои се воведоа на почетокот на годината во делот на сончогледот се и еден од примерите и фундаменти токму нa овој концепт што денеска го зборуваме, каде што субвенциите по површина сончоглед, вкупните субвенции, фармерите, производителите може да ги добијат доколку го предадат кај регистрирани преработувачи. Целта е да финансираме сончоглед кој ќе служи како суровина за масло зa јадење, а ќе ги користиме и капацитетите на нашите домашни преработувачи кои имаат капацитет и кои увезуваат, рече Николовски по денешниот брифинг, во одговор на новинарско прашање.
Како што рече, станува збор, за двојно зголемено производство – околу 6.000 хектари се површините со пролетната сеидба со која што се опфатени.
-Голем број добија. Сите аплицираа за поддршка за вештачко ѓубриво од 30 проценти, и очекуваме над 10. 000 тони сончоглед, што значи удвојување на производството само за краток период и покривање на две месечни потреби на државата од увозот на сончоглед којшто го имаме, додаде Николовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа