На Македонија очајно и е потребна правда и владеење на правото. И треба јасно отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем, се обрати пред пратениците, заменик претседателот на Владата, Александар Николоски на собраниската седница на која се избира Државен Јавен обвинител.
Во име на Владата, предложен е Ненад Савески, за кој вицепремиерот Николоски истакна дека е професионалец, докажан во својата работа и како што потенцира, без ниту една дамка во својата професионална кариера.
“ За жал оваа состојба во која е обвинителско-правосудниот систем е состојба коja не дава доверба кај граѓаните, состојба која ги тера многу од граѓаните да не веруваат во системот, почесто да има неправда отколку правда, а и тогаш кога има правда заради скепсата која постои меѓу граѓаните, тие да се прашуваат дали навистина се донела правилната одлука. Не случајно нема разговор, нема дебата и нема сериозни критики за обвинителско-правосудниот систем како што не случајно рејтингот на овие две институции е околу 2 %.
Тоа ќе е сериозна задача за новиот Јавен обвинител кој го предлагаме, тоа е магистер Ненад Савески, човек кој што е долго во обвинителско-правосудниот систем, со сериозен стаж и искуство, човек кој бил обвинител, судија и сега повторно ќе ја има шансата да е прв меѓу обвинителите.
Се работи за еден човек кој што е еден од светлите примери во македонското судство и обвинителство, кој што позади себе нема дамки. Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде прв кој треба да испорача правда во Македонија” – се обрати вицепремиерот Николоски пред пратениците.


