По години неизвесност, штрајкови и доцнење на платите, државната компанија „Македонска пошта“ влегува во фаза на целосна консолидација и модернизација. Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за ТВ Алфа објави амбициозен план кој треба да го врати сјајот на националниот поштенски оператор.

Според Николоски, клучен успех на новата Влада е што успеала да ја стабилизира компанијата без да отпушти ниту еден вработен, иако состојбата која ја затекнале била катастрофална.

Парадоксот на поштенскиот пазар Министерот презентираше шокантни податоци за финансиската нелогичност на македонскиот поштенски пазар. Тој истакна дека е недозволиво приватните оператори да го подигаат „кајмакот“, додека државната пошта го носи најголемиот товар, а заработува помалку.

„Кога ќе ги видите приходите, ќе забележите огромна диспропорција. Со 75 проценти од пазарот (волумен на пратки), Пошта има приход од некаде 11 милиони евра. Од друга страна, приватните пошти држат само 25 проценти од пазарот, а генерираат приход од околу 18 милиони евра. Тоа е неодржливо и мора да го корегираме“, дециден е Николоски.

Модернизација наместо приватизација За да се промени оваа слика, државата подготвува масивна инвестиција во опрема. Николоски најави донација на возен парк кој драстично ќе ја зголеми мобилноста и ефикасноста на поштарите. „Ќе донираме 100 комби возила, од кои 90 ќе бидат помали за градски и приградски реони, а 10 поголеми за транспорт на поголеми пратки. Понатаму, се воведува нов софтвер, со што се обидуваме Пошта да ја ставиме во една добра, конкурентна позиција“, најави министерот.

Тој додаде дека се подготвуваат и законски измени кои ќе ѝ помогнат на компанијата дополнително да расте, ставајќи точка на идеите за нејзина продажба.

„Нема да има бркање на луѓе“ Николоски остро ја критикуваше политиката на претходната власт на СДСМ, обвинувајќи ги дека свесно ја уништувале компанијата за да ја продадат евтино. „Претходната Влада сакаше да ја продаде и така да го реши проблемот. Знаете дека двајца генерални секретари се или под истрага или осудени за нивните дејствија во Пошта. Јас и тогаш, и сега тврдам – додека сум министер, нема да се испуштаат луѓе од работа. Иако имаше такви сугестии и барања дури и од ЕУ, мојот став е дека до рационализација и намалување на трошоците ќе стигнеме преку повеќе работа и профит, а не преку кратење на работни места“, заклучи Николоски.

Exit mobile version