Премиерот Христијан Мицкоски заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, извршија увид во градежните работи на проектот Градски воз. Ова е прва од трите предвидени траси, проект кој е во вредност од 360 милиони денар и кој значително ќе го олесни транспортот на патници во главниот град.
“Денеска сме во увид на градежни работи на два значајни проекти, првиот кој што се однесува на товарниот превоз, нешто што е срцето на железничкиот сообраќај во Македонија, имајќи ја во предвид географската локација на која што се наоѓа Македонија и важноста која што ја има државата. Со овој потег кој што во моментов почнува да се работи, од Драчево директно ќе се оди за Илинден, односно товарните возови нема да има потреба или да ја одбегнуваат оваа делница или да ја користат со мала брзина или најлошата варијанта да влегуваат и поминуваат низ центарот на градот, односно преку Нова железничка станица“, рече Николоски.
„На тој начин, очекувам дека карго сообраќајот ќе се зголеми значително, а вториот проект е идејата и визијата за Градски воз, која што пополека станува реалност. Имаме три траси. Првата која што оди од Зелениково, преку Драчево, Јане Сандански, помеѓу Кисела Вода и Аеродром и Нова железничка, веќе се работи, а в година ќе се работат и останатите две линии“, посочи Николоски.
Сакам да кажам една работа која што многу отсликува како ја наследивме државата. Дрвените прагови кои што се позади нас и кои што се менуваат со модерни бетонски прагови, се поставени помеѓу 1963 и 1969 година и оттогаш не се сменети. Можете да замислите во каква состојба ја наследивме државата, штом во овие години се работело, а потоа престанало и прв пат работиме во 2024-2025 година” изјави вицепремиерот Николоски.

