Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) попладнево издаде итно предупредување за дестабилизација на времето во неколку региони низ државата, каде веќе се регистрирани интензивни врнежи и силен ветер.

Најкритична е состојбата во југоисточниот дел на земјата, каде покрај поројните дождови, падна и град.

„Струмица и околината зафатена од нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд, засилен ветер, грмежи и појава на град“, соопштуваат од УХМР.

Синоптичарите укажуваат дека оваа нестабилна облачна маса има континуиран правец на движење. Истовремено, силно невреме се развива и на североистокот од државата.

„Во Кривопаланечкиот регион има нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд, засилен ветер и грмежи. Во Струмичкиот регион има појава на засилен ветер и грмежи“, стои во најновиот пресек на метеоролошката служба.

Граѓаните од овие региони се повикуваат на будност, со оглед на тоа што процесите на места се доста интензивни.

Exit mobile version