Швајцарски турист на возраст од 55 години претрпел сериозна повреда на ногата откако бил каснат од неидентификувана риба на плажата во Пиопи, во италијанскиот регион Кампанија.
Мажот пливал на само неколку метри од брегот кога рибата го каснала во пределот на телето, предизвикувајќи му длабока рана.
Поради каснувањето, туристот изгубил голема количина крв.
Како што пренесува весникот „Кориере дела Сера“, крварењето веројатно било дополнително засилено бидејќи тој користел терапија со лекови за разредување на крвта.
Спасувачките екипи веднаш интервенирале и му пружиле прва помош на самата плажа, по што повредениот итно бил транспортиран во болница, објави „ТВ Свизера“.
Сè уште не е точно утврдено кој вид на риба го извршил нападот.
Експертите и локалните власти се сомневаат на рибата-тригер, позната по моќните вилици и агресивноста за време на летната сезона на размножување, или на баракуда, чија присутност во Средоземното Море е сè почеста.
Овој инцидент доаѓа во период кога на брегот на Кампанија, вклучително Амалфи и полуостровот Сорентин, се бележи зголемен број пријави за помали каснувања од риби, но случајот со швајцарскиот турист е значително посериозен.


