Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли стравувањата на меѓународната јавност за можна нуклеарна ескалација на Блискиот Исток. Иако регионот е во пламен, а Израел спроведува жестоки напади врз иранската инфраструктура, Трамп е убеден дека израелските власти нема да посегнат по најекстремното решение.
Трамп потенцираше дека Израел има доволно конвенционална моќ да се справи со заканите и дека нуклеарната опција не е на маса.
„Израел никогаш не би употребил нуклеарно оружје против Иран. Тие се многу попаметни од тоа и немаат потреба од такво нешто“, изјави Трамп во разговор со новинарите.
Оваа изјава доаѓа по серијата шпекулации дека доколку иранскиот одговор биде пресилен, Израел би можел да ги активира своите стратешки капацитети. Сепак, Трамп смета дека досегашните напади врз иранските поморски и воздушни сили се повеќе од доволни за да го оневозможат Техеран.
Додека Вашингтон испраќа пораки на смирување во однос на нуклеарната закана, на теренот операцијата продолжува со полн интензитет, а Израел останува на својата политика на „нуклеарна двосмисленост“ – ниту потврдуваат, ниту демантираат дека поседуваат ваков арсенал.

