Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, денеска времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, кој долж Повардарието повремено ќе надминува 60 километри на час. Минималните температури ќе се движат од 0 до 9 степени, додека максималните ќе достигнат од 12 до 20 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен северен ветер, кој во одделни делови од котлината повремено ќе биде засилен. Утринската температура ќе се спушти до 6 степени, а дневната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови се очекува променливо облачно и претежно стабилно време. Исклучок ќе биде петок, кога се прогнозираат слаби локални врнежи од дожд, додека на повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.


