34-годишен државјанин на Црна Гора бил приведен на граничниот премин „Табановце“, откако системот „Безбеден град“ регистрирал дека возел со 185 километри на час на делница каде максималната дозволена брзина е 100 километри на час.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, тој бил запрен вчера во 14:25 часот на излез од државата, додека управувал патничко возило „БМВ“ со црногорски регистарски ознаки.
Прекршокот бил регистриран на автопатот Скопје – граничен премин „Табановце“, кај клучката Дељадровци. При проверката било утврдено дека возачот е евидентиран за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.
Тој бил спроведен во полициска станица, а од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


