Неделков: Денес нема договор, но усогласивме некои статови

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков изјави дека преговараат буквално за сите прашања и усогласиле генерално некои ставови во однос на колективните договори и што ќе има во нив, меѓутоа тие не се до крај прецизирани.

Треба да завршат и бидат потпишани во периодот меѓу 1 и 31 септември. Има некои технички проблеми, мора да започне учебната година, па за да се реализираат тие одредби од колективниот договор. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози, како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се враќаме во Министерството за финансии за анализа и проверка на тоа колку средства ќе бидат потребни, и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени и коефициенти на инфлација, пораст на минимална плата итн., коешто би функционирано во наредниот период. Тоа се точките за кои разговаравме. Не се надевам, туку мора веќе да завршиме идната недела, а јавноста ќе биде запознаена. Дали штрајкот ќе биде повторно активиран, тоа сепак ќе зависи од резултатите од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот. Се е отворено, се уште не можам да ви дадам ветување за опција, истакна Неделков.

Тој нагласи дека е разговарано за сите прашања и дека тоа е веќе напредок, додавајќи оти не постои прашање кое ад хок се отфрла и е неприфатливо за двете страни.

– Се работи за нијанси. Ние одиме од аспект на нашите интереси максимално, тие од аспект на нивните интереси поинаку се однесуваат, меѓутоа не постои прашање за кое не се разговарало или не може да се реши. Договор нема денес. Секако дека нема. Тема на преговори ни е последното усогласување на минималната плата, односно зголемување на платите за 18,4 проценти. За жал, тоа што никој во државата не се секираше изминатите години и никој не побара усогласување на платите и што не е издејствувано, веќе рокот е поминат согласно Закон за минимална плата и тука многу не може да се стори. Велам за жал. Ние тоа што баравме и со протести го правевме, не беше сериозно сфатено. Сега кога го побаравме ова веќе излезе дека и малку е ова и треба многу повеќе. Факт е дека треба многу повеќе, но во овој момент ние колку можеме толку и правиме. Ако некој синдикат може повеќе, би биле благодарни да издејствуваат повеќе понекогаш и за просветните работници некој друг да одработи, а не обратно. Ние постојано работиме за други дејности. Меѓутоа тоа е нашиот Синдикат, еден единствен во државата, рече Неделков.

13.05.2022 - 17:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега