Министерството за внатрешни работи регистрираше и серија инциденти поврзани со нарушување на јавниот ред и мир, од кои најсериозниот се случи во Прилеп. Таму е поднесена кривична пријава против 30-годишен маж кој агресивно се однесувал и се обидел да му го одземе службениот пиштол на полицаец кој вршел увид по сообраќајна незгода предизвикана од пријавениот под дејство на алкохол.
Во главниот град, пак, пријавени се неколку физички пресметки на различни локации. Пред влезот на гробиштата во Ѓорче Петров, по претходна расправија, две жени на возраст од 36 и 55 години физички се пресметале користејќи и тврд предмет.
Насилство е регистрирано и во станбена зграда во Гази Баба, каде поради нарушени соседски односи дошло до тепачка меѓу маж и жена. Дополнително, во Аеродром е пријавен физички напад врз 13-годишно момче од страна на друг малолетник, додека во Центар во доцните вечерни часови бил физички нападнат 32-годишен скопјанец од страна на едно лице.


