Демократската унија за интеграција (ДУИ) излезе со жестоко соопштение по повод конгресот на ВЛЕН, нарекувајќи го нивното обединување „очаен крик за политички опстанок“ и „пазар на ега“. Од партијата во опозиција сметаат дека изборот на двајца претседатели е директно признание за целосната недоверба и фрагментирање во редовите на владејачката албанска коалиција.
„Иронијата е целосна – ВЛЕН избра двајца кормилари да го водат истиот брод што веќе забрзано тоне. Вистината е јасна: ВЛЕН се обедини само за заедно да се распадне“, стои во реакцијата на ДУИ, во која се додава дека клучни функционери веќе почнале да го напуштаат, како што го нарекуваат, „овој неуспешен проект наменет само за спас на неколку политички кариери“.
ДУИ направи и детална анализа на досегашното владеење на ВЛЕН, оценувајќи го билансот на нивните клучни ветувања со нула. Според нив, ВЛЕН целосно го напуштила ветувањето за уставни измени, не спровела децентрализација, а идејата за албанска академија „завршила полошо и од локално здружение“.
Особено остри критики беа упатени на економски план. ДУИ ги обвинува ривалите дека наместо „Албанска банка“, дозволиле влез на српски капитал преку Алта Банка, додека ветувањето за затворање на казината се покажало како лага.
„Законот беше повлечен од Собранието, додека Изет Меџити продолжи да профитира од монополот ‘Мегавин’“, тврдат од ДУИ. Соопштението завршува со сериозна закана – партијата најавува дека функционерите на ВЛЕН многу брзо ќе бидат подложени на итен меѓународен ветинг и целосна ревизија на имотот, особено на, како што велат, „кланот околу Меџити“.


