Најмалку 18 лица во неколку федерални држави загинаа во ледениот бран што ги зафати САД, јавија денеска американските медиуми.
Во градот Фриско, Тексас, недалеку од Далас, шеснаесетгодишно девојче починало додека се санкало, соопшти локалната полиција, наведувајќи дека девојчето на санката го влечело тинејџер кој возел моторна санка, пренесува Еј-Би-Си. Во соопштението се наведува дека санката на која се возело девојчето прво удрила во тротоар, а потоа и во дрво.
Во областа Остин, една жртва на хипотермија е пронајдена мртва на паркинг на напуштена бензинска пумпа, соопштија локалните власти.
Во државата Арканзас, 17-годишно момче починало по несреќа во која удрил со санка во дрво, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Салин.
Во сојузната држава Пенсилванија, три лица загинале додека чистеле снег, соопштија локалните власти, додавајќи дека жртвите се на возраст од 60 до 84 години. Тие ги потсетија жителите да бидат внимателни при чистење снег, особено луѓето со историја на срцеви заболувања или други медицински проблеми.
Градоначалникот на Њујорк соопшти дека пет лица загинале во ледениот бран, а медиумите во Бостон објавија дека во државата Масачусетс, една жена починала откако била удрена од машина за чистење снег.
Три смртни случаи се пријавени во Тенеси, два во Луизијана и еден во Канзас, потврдија официјални лица во тие држави за Еј-Би-Си.

