Најлошото допрва доаѓа- алармантно предупредување на научниците за клима

Недостиг на вода, неухранетост, исчезнување на одредени водови животни и растенија, животот на Земјата, неизбежно ќе се трансформира со климатските промени за 30 години или дури и порано, се предупредува во извештајот на ООН.

Нацрт-извештајот, напишан од стотици научници од Меѓународниот панел за климатски промени, осцилира помеѓу апокалиптичниот тон и надежта што им се дава на луѓето да ја променат својата судбина со непосредни и драстични мерки.

Извештајот за проценка на 4.000 страници е многу поалармантен од претходниот од 2014 година. Иако неговите главни заклучоци нема да се променат, тој нема да биде официјално објавен дури до февруари 2022 година, откако ќе биде одобрен со консензус од 195 земји-членки.

Без оглед на стапката на намалување на емисиите на стакленички гасови, разорните ефекти на затоплувањето врз природата и човештвото ќе се забрзаат и ќе станат болно опипливи дури и пред 2050 година, предупредуваат научниците.

„Животот на Земјата може да се опорави од големите климатски промени со развивање во нови видови и создавање нови екосистеми“, се забележува во техничкото резиме на Извештајот.

„Најлошото допрва следува, со многу повеќе импликации по животот на нашите деца и на нашите внуци отколку на нашите“, тврдат научниците.

Иако порастот на просечните температури достигна 1,1 ° C од средината на 19 век, ефектите се сериозни и ќе бидат посилни, дури и ако се намалат емисиите на СО2.

За некои животни и видови на растенија може да биде дури и доцна.

„Ненадејните загуби се зголемуваат во сите системи за производство на храна“, се вели во извештајот, посочувајќи ги климатските опасности како главен двигател.

Според предвидувањата, повеќе од 80 милиони луѓе би можеле да умрат од глад до 2050 година, 130 милиони би можеле да западнат во екстремна сиромаштија во рок од десет години, а стотици милиони жители на крајбрежните градови ќе бидат загрозени од почести поплави предизвикани од покачување на нивото на морето, што пак ќе доведе до значителни миграции.

Извештајот исто така ја нагласува опасноста од каскадни ефекти. Некои региони (Источен Бразил, Југоисточна Азија, Централна Кина) може да бидат погодени од три или четири истовремени временски непогоди или дури и повеќе: топлина, суша, циклони, пожари, поплави, болести пренесени од комарци.

Но и покрај алармантните заклучоци, во извештајот сепак постои доза на надеж. Човештвото сè уште може да ја насочи својата судбина кон подобра иднина.

„Потребна ни е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа: поединци, заедници, компании, институции и влади“, се тврди во извештајот.

„Треба да ги редефинираме нашиот начин на живот и потрошувачката“, сметаат научниците.

Макфакс

23.06.2021 - 09:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега