Цената на нафтата денеска повторно расте на светските берзи, поттикната од зголемените стравувања за прекини во снабдувањето од Блискиот Исток и зголемените ризици за транспортот низ Персискиот Залив и Ормускиот Теснец.
Фјучерсите на „брент“ наутро достигнаа околу 102 долари за барел, додека американската ВТИ нафтата се тргуваше околу 90 долари за барел. Според „Ројтерс“, „брент“ пораснал за повеќе од два долари, а ВТИ за околу 1,7 долари.
На пазарите дополнителен притисок создаваат и прекините на дел од американското производство поради ураганот што се приближува до Мексиканскиот Залив. Американските залихи на сурова нафта, пак, минатата недела се намалиле за 3,2 милиони барели, повеќе од очекувањата на аналитичарите.
Инвеститорите внимателно ги следат и мерките на Меѓународната агенција за енергија за забрзано ослободување на нафтените резерви, но аналитичарите предупредуваат дека ваквите мерки можат привремено да го зголемат снабдувањето, без да создадат нов производствен капацитет.
Поради неизвесноста околу снабдувањето и транспортот, движењето на цените на нафтата останува под силно влијание на геополитичките случувања и состојбата на светските пазари.

