Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) информира дека денеска спровел вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, по наредба на министерот за здравство, во врска со третманот и лекувањето на доенчето У.М., кое почина на 14 јануари на одделот за педијатрија.

Од Инспекторатот посочуваат дека точната причина за смрт ќе биде утврдена по завршувањето на патоанатомската обдукција, која е во тек.

Според увидот во медицинската документација и здравствената евиденција, доенчето У.М., старо два и пол месеци, родено на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство Скопје, било донесено на одделот за педијатрија во болницата во Кавадарци на 12 јануари, со упат од матичен лекар поради чести повраќања (четири до пет пати во текот на 24 часа) и поспаност.

На приемот, доенчето било прегледано од специјалист педијатар, при што биле назначени биохемиски иследувања и поставена дијагноза R11 (гадење и повраќање). Детето било без покачена телесна температура, со висока сатурација, свесно и со реакција на дразби, по што била вклучена инфузиона терапија. За време на болничкиот престој, како што наведуваат од ДСЗИ, била воведена и исхрана преку уста со адаптирано млеко на секои два часа.

На 13 јануари, здравствената состојба на доенчето била стабилна и без покачена температура, посочуваат од Инспекторатот.

На 14 јануари била повторена анализа на урина, при што бил добиен уреден наод. За време на визитата спроведена истиот ден во 15:30 часот, состојбата повторно била оценета како стабилна.

Сепак, во 20:48 часот дежурниот лекар бил известен од медицинската сестра и мајката дека доенчето не дише, по што веднаш било префрлено во просторија за итни интервенции. Била констатирана генерализирана цијаноза и веднаш било започнато со реанимација од страна на педијатар и специјалист анестезиолог, согласно утврден протокол. Реанимацијата траела 40 минути, но без успешен исход.

Во медицинскиот извештај, како основна причина за смрт од страна на анестезиологот е наведена дијагнозата „ненадејна смрт на доенче“. Случајот бил разгледан и на стручен колегиум, како и од Комисијата за квалитет во установата.

Од ДСЗИ информираат дека ќе иницираат до министерот за здравство формирање комисија за стручен надзор, со цел целосно расветлување на случајот.

Exit mobile version