Надлежните скроија план: Преку забрана за извоз и зголемени контроли до пониски цени

Надлежните преку забрана за извоз до крајот на годинава и зголемен број инспекциски надзори на продажните места се обидуваат да го спречат неоправданото зголемување на цените на пелетите и на огревното дрво во пресрет на новата грејна сезона.

По реакциите од граѓаните дека нема на што да се греат во претстојната грејна сезона, Владата неодамна донесе одлука до крајот на годинава да се ограничи извозот на огревно дрво и пелети и најави зголемени инспекциски контроли во продажните места за пелети во кои ќе се проверува дали компаниите намерно ги кријат за да ги продаваат поскапо во зимскиот период. На 63-тата седница на  Владата, одржана 20 јули годинава, на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) му беше наложено да се направат вонредни инспекциски надзори на трговци со пелети, со цел да се утврди продажната цена, капацитетите и достапните количини на пазарот.

ДПИ за само една недела откри седум неправилности кај трговците со пелети

Директорот на ДПИ Анета Симеска Димоска за МИА информира дека во периодот од 22 до 28 јули годинава имаат извршено вкупно 131 вонреден инспекциски надзор на трговци со пелети на целата територија на државата при што е утврдено дека продажната цена на пелетите се движи од 15 до 26 денари за килограм, со маржа од 8 до 65 отсто, и од 220 до 390 денари за вреќа од 15 килограми, односно маржа од 10 до 40 отсто зависно од типот на пелетите. Вкупната залиха на пелети кои ја утврдиле инспекторите изнесува 5.696.600 килограми, а капацитет на производство е утврден кај осум субјекти.

– Во овој временски период при инспекциските надзори утврдени се вкупно седум неправилности, за што се изречени соодветни санкции согласно големината на субјектот, рече Симеска Димоска.

Како што кажа, кај правно лице од Скопје е утврдено дека евиденцијата во трговијата не се наоѓа во деловната просторија каде што се врши трговија, за што е изречена глоба од  200 евра за правното лице и 40 евра за одговорното лице во правното лице. За правно лице од Охрид се издадени два прекршочни платни налози – глоба во износ од 240 евра во денарска противвредност, бидејќи евиденцијата за набавка и продажба на стоките во трговијата на мало не се наоѓа во продажниот простор. На правно лице од Струга му е изречена глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност зашто нема пријава за исполнување на МТУ за објектот. За истата причина е казнето и правно лице од Штип. Глоба од 200 евра за правното лице и 40 евра за одговорното лице му е изречена на правното лице од Гостивар зашто евиденцијата во трговијата не се наоѓа во деловната просторија каде што се врши трговија. Глоба од 800 евра за правното лице и 60 евра за одговорното лице е изречна на правното лице од Битола, а за магацин во Струга е констатирано дека не води евиденција за набавка и продажба во трговија и нема пријава за МТУ.

07.08.2022 - 10:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега