Националната платформа падна на првиот тест: „Системот е паднат, не можеме да се логираме“
Учениците ширум земјава од денеска започнаа со тестирање на Националната платформа за далечинско учење, откако викендов им беа доделени лозинки со кои им е овозможен пристап до неа.
Од утрово единствената порака која учениците, родителите и наставниците си ја разменуваат е: Системот е паднат, не можеме да се логираме!
Од Министерството за образование и наука смируваат, односно велат дека тоа е дел од тестирањето и станува само за моментални проблеми со поврзувањето на платформата.
-Ова е очекувано, затоа служи тестирањето, тоа е поентата, да се види издржливоста на платформата – велат од МОН, додавајќи дека не станува збор за некаков проблем со платформата, објави „Слободен печат“.
Министерството за образование ги информираше родителите дека треба да се има интернет приклучок во домот на детето и дека неговиот компјутер (лаптоп) треба да биде минимум седма генерација i3 процесор, на минимум 1,6 GHz или еквивалетен AMD процесор, минимум 4 GB RAM меморија, хард дискот треба да има минимум 128 GB SSD, екранот да има минимум 1024 х 768 резолуција, минимум 128 MB графичка меморија, оперативниот систем да биде Windows 8.1 или Windows 10, уредот да има USB 2.0 видео камера или стандардна лаптоп камера, а исто така треба да има звучници и микрофон
Или во денари ова значи минимум 15.000 денари за настава без проблем за едно дете.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа