МЗ: Позитивен став кон приватните специјализанти, но решение после изборите
Министерството за здравство денеска го повтори ставот дека решение за приватните специјализанти кои од понеделникот се во штрајк ќе има по изборите.
- Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив спаѓаат и приватните специјализанти.Во изминатиот период, приватните специјализанти остварија неколку средби со министерот за здравство и со претставници од Министерството, кадешто се слушнаа нивните барања и се изготви извештај, со цел изнаоѓање решение за нивниот работен статус. На последната владина седница беше донесена одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности, наведува МЗ во соопштение.
Во однос на двете барања на приватните специјализанти, посочува дека „дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10 проценти од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надоместок“.
-Во 2018 година, приватните специјализанти првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Покрај финансискиот надомест, тие добија можност за исплата на дежурства и здравствено осигурување. Ставот на Министерството е позитивен кон нив, со цел да им се излезе во пресрет, но решение ќе има после изборите. Овие години, се направи значителен напредок со покачување на платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и вратено е достоинството на сите здравствени работници и соработници, стои во соопштението.
Над 400 приватни специјализанти пред четири дена стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски, со барања да им биде зголемен надоместот што им се исплаќа во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, да добијат здравствено осигурување и да им се реши статусот што сега им е со договор на дело.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа