МВР и одговори на полицајка која викна „пајак“ на функционер на ДУИ: Таа е на одмор и нема дадено отказ, ниту поднесено пријава за мобинг

Полицајката Јасмина Ангелеска е и натаму вработена во Министерството за внатрешни работи и користи одмор, тврдат оттаму откако таа на социјалните мрежи објави дека дала отказ и обвини за мобинг. Ангелеска е службеничката која пред две години беше повредена додека со пајак-возилото му го креваше непрописно паркираниот автомобил на високиот функционер во ДУИ, Бекир Асани. Од МВР велат дека од неа нема доставено ниту пријава за мобинг, иако во својата објава обвинува дека старешините и нанеле неправди.

„Во врска со објавата на Ј. А. на социјалните мрежи, Ве известуваме дека истата во моментот користи годишен одмор и до Одделот за правни работи на БЈБ досега не е стигнато барање за прекин на работниот однос. Во Одделот за внатрешна контрола и професионални истраги од  Ј.А. до сега не е пристигната претставка ниту пријава за вршење на мобинг на работното место. Како и секој граѓанин така и Ј.А доколку смета дека и се повредени правата од работниот однос или друг вид на незаконито и непрофесионално постапување на било кој полициски службеник случајот може да го пријави во Одделот за внатрешна контрола“, велат од МВР.

Од Министерството не одговорија на обвинувањата од полицајката за неосновани дисциплински постапки и деградирањето во моменти кога службениците работат професионално.

„Со години покажуваат сила врз работниците и професионалците на штета на МВР а како што пишав, хранејќи си го гладното, мизерно его, а во МВР е хаос во секој поглед и во секој сектор од повисоките кругови“, пишува полицајката Ангелеска.

Обвинителството пред две години ја отфрли кривичната пријава против функционерот на ДУИ, Бекир Асани. Oбвинителот констатирал дека кривичното дело напад врз службено лице не може се гони по службена должност и ја затворил постапката против Асани. Според Обвинителството, немало докази дека полицајката Ангелеска била нападната, а притоа не постоела сериозна и остварлива закана кон неа ниту, пак, физички контакт за Бекири да биде гонет за физички напад.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.12.2020 - 16:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега