Министерството за внатрешни работи ги потсетува сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека преку системот „Безбеден град“ се регистрираат сообраќајни прекршоци сторени со овие возила.
За полесно и побрзо информирање, во функција е веб-апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, каде што корисниците можат да се регистрираат, да проверат евидентирани прекршоци, да добијат увид во платните налози и да извршат електронско плаќање. Од МВР појаснуваат дека користењето на апликацијата не е задолжително, туку претставува олеснителна можност со која се забрзува постапката при излез од државата.
Оние кои нема да ја користат апликацијата, информации за прекршоците можат да добијат при излез од земјата на граничниот премин Табановце, каде што плаќањето се врши исклучиво со платежна картичка, додека готовинско плаќање не е предвидено.
МВР најави дека се преземаат активности за проширување на оваа можност и на други гранични премини, а апликацијата е достапна на линкот safecountry.mvr.gov.mk.


