Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во Париз во рамки на работна посета, каде ќе оствари низа средби со високи претставници на Француската Република. Во текот на денот, тој ќе се сретне со министерот за Европа, Бенџамин Адад, како и со Бертран Бушвалтер, советник за континентална Европа и Турција на претседателот Емануел Макрон.
Според соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, главната цел на овие разговори е натамошното унапредување на билатералните односи меѓу двете држави, реафирмирањето на француската поддршка за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за актуелни регионални, европски и глобални прашања.
Во рамки на посетата, предвидена е и средба со Жером Филипини, директор на Националниот институт за јавни служби на Француската Република (INSP). На средбата ќе биде потпишана Декларација за намери помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Националниот институт за јавни служби, со што се става акцент на зајакнување на соработката во областа на јавната администрација, обуките и експертската размена.
Посетата е дел од интензивните дипломатски контакти на Република Северна Македонија со Франција и има за цел да ја зајакне довербата и партнерството меѓу двете држави, како и да придонесе за стабилен и просперитетен регионален развој.

