Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на дводневниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО, што се одржа во Хелсингборг, Кралството Шведска.
На состанокот беа разменети мислења за актуелните глобални безбедносни предизвици, со посебен фокус на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Анкара, закажан за јули оваа година.
Во рамки на дискусиите, министерот Муцунски испрати јасна порака до сојузниците во врска со безбедносната состојба во нашиот регион.
„Западниот Балкан останува област во Европа во која постои сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици“, нагласи Муцунски, потенцирајќи дека регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО.
Министерот ги пренесе активностите на Владата во исполнувањето на обврските од минатогодишниот Самит во Хаг, особено во делот на зголеменото финансирање на одбраната и модернизацијата на капацитетите.
Муцунски ја нагласи и важноста од развој на одбранбената индустрија преку зголемување на производството, како значаен приоритет за посилна Европа во рамки на посилно НАТО.
За време на состанокот, министрите ја нагласија потребата од продлабочување на координацијата меѓу сојузниците со цел зајакнување на трансатлантските врски.
Во однос на Украина, министерот Муцунски ја реафирмираше континуираната поддршка од наша страна, посочувајќи ја важноста за обезбедување предвидливост на помошта и изнаоѓање праведно решение за воениот конфликт.
На состанокот се дебатираше и за состојбите во Јужното соседство, каде Муцунски повика на зајакнат пристап меѓу сојузниците и поблиска координација со Европската Унија.


