Партискиот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изнесе тврдења за наводна соработка меѓу претседателот на СДС, Венко Филипче, и бугарските власти.
Според него, целта на оваа соработка е внесување на Бугарите во Уставот, што според партијата ќе отвори дополнителни барања од Бугарија поврзани со идентитетот, јазикот и историјата.
Манасиевски покажа фотографија на која, како што рече, се гледа поранешниот член на Извршниот одбор на СДС, Рубин Земон, на средба со Виктор Стојанов од Фондацијата „Македонија“.

Од владејачката партија посочуваат дека оваа фондација е позната по ширење на бугарска пропаганда во Македонија и по гледишта кои ја негираат македонската посебност.
Манасиевски додаде дека според информации од свиркачи, на Филипче му било сугерирано да го тргне Земон од партиското тело за да не му нанесе политичка штета.
„Како тргнал Филипче ќе остане сам со кланот Заеви“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ за време на партиското обраќање.
На крајот, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека заедно со граѓаните нема да дозволат загрозување на националните позиции на државата.
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните нема да дозволи да се случи повторно предавство на македонските национални интереси. Доста е со понижувања, потклекнувања и потчинувања. Време е Македонија да биде горда, исправена и достоинствена“, порача Манасиевски.