Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, учествуваше на државно-црковниот молебен во Рим во чест на св. Кирил, настан кој годинава е во организација на Собранието на Република Северна Македонија.

Љутков во изјава за медиумите пред црквата „Сан Клементе“, каде што се наоѓа гробот на светителот, потенцираше дека ова чествување има длабоко духовно и цивилизациско значење за земјава.

Министерот посочи дека св. Кирил е еден од најголемите просветителски дејци кој оставил трајна трага во развојот на словенската писменост и култура.

„За нас како држава, наследството на светите браќа Кирил и Методиј е живо и денес и тоа се гледа од нашата посветеност и заложба во зачувувањето на македонскиот јазик, на културата и духовната традиција, како и од грижата за културното наследство и промоцијата на вредностите на дијалогот, просветителството и меѓусебното почитување“, истакна министерот Љутков.

Тој додаде дека традиционалната манифестација „Македонија во чест на св. Кирил“ ќе биде заокружена утре со концерт на ансамблот „Консонанс“.

Според Љутков, овој концерт претставува одлична можност за достоинствено претставување на македонската култура пред меѓународната јавност на терен.

„И да ја потврдиме нашата вековна поврзаност со делото на светите браќа Кирил и Методиј. Како и секоја година, Министерството за култура и туризам го одржува и го финансира овој настан, кој е посебен за нашата култура и за меѓународната јавност“, рече Љутков.

Exit mobile version