Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуснски, денеска во Њујорк учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од САД – Јадранската Повелба (А5), што се одржа на маргините на 80. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.

Муцунски, какако што јави известувачот на МИА, ја истакна значајната улога на САД и поддршката што ја даваат за оваа регионална иницијатива повеќе од две децении, нагласувајќи дека нејзиното продолжување е од клучно значење за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот.

Тој посочи дека е неопходно постојано да се одговара на предизвиците и заеднички да се наоѓаат најефикасните решенија, повикувајќи на засилена и прагматична регионална соработка.

– Усогласувањето со политиките и приоритетите на НАТО и Европската Унија ќе го подготви регионот за идната интеграција и ќе поттикне економски развој, демократска отпорност и посилна социјална кохезија, истакна Муцунски на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од САД – Јадранската Повелба (А5).

САД – Јадранската Повелба  е регионална иницијатива за безбедносна и политичка соработка, создадена со поддршка на САД во 2003 година со главната цел да се забрза интеграцијата на земјите од регионот во НАТО и да се зајакне регионалната соработка во безбедносната и одбранбената сфера. Првично во иницијативата влегоа Албанија, Хрватска и Македонија, а подоцна им се приклучија Црна Гора и Босна и Херцеговина, со што групата стана позната како А5.

Leave A Reply

Exit mobile version