Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го осуди инцидентот во кој беше искршена влезната врата на Бугарската амбасада во Скопје, нагласувајќи дека станува збор за изолиран случај со помала материјална штета и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.

Муцунски информираше дека, според првичните информации, инцидентот го извршило едно лице и дека причинетата материјална штета не е во голем обем, но дека, без оглед на тоа, настанот е најостро осуден.

Независно од тоа, максимално го осудуваме инцидентот. МВР дава голем фокус на процесот на истрагата и за подетални одговори со истрагата, бидејќи не сакам да ѝ наштетам, би Ве упатил да побарате одговор од МВР. Но, она што би сакал да го кажам е дека институционално има брз и ефикасен одговор од наша страна, изјави Муцунски.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот посочи дека не е возможно да се контролира секој кривично-правен настан што се случува на територијата на државата, но дека клучно е институционалното постапување и целосното расветлување на случајот.

За жал, не може да се контролира секој кривично-правен настан што се случува на територија на државата, но најважно е дека веќе тој инцидент е осуден од наша страна и се работи на целосно расветлување на случајот, рече Муцунски.

Тој додаде дека државата има обврска да даде јасен и одговорен институционален одговор.

Наша одговорност како држава е прво да дадеме објективен одговор, да го осудиме настанот, а потоа и нашите институции максимално брзо да ги преземат сите потребни дејствија и мислам дека од наша страна е максимално коректно одговорено до овој момент. Се надевам дека брзо ќе заврши истрагата од страна на МВР, додаде министерот.

Министерството за внатрешни работи вчера информираше дека во инцидентот е скршено стакло на влезната врата на Бугарската амбасада во Скопје и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Exit mobile version