Поради конфликтот на Блискиот Исток, можно е ограничено влијание врз дел од дестинациите од домашните аеродроми, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот, информираат од ТАВ Македонија за МИА.
Оттаму посочуваат дека во моментов единствена промена е одлуката на Виз ер да ја прекине редовната авиолинија Скопје – Ларнака од 13 април, која во иднина ќе функционира како сезонска линија во летниот период.
Во пресрет на летниот ред на летање, од ТАВ очекуваат продолжување на позитивниот тренд, по успешната 2025 година и силната зимска сезона, со раст на бројот на патници и проширување на мрежата на дестинации.
Конфликтот на Блискиот Исток веќе предизвика промени кај дел од авиокомпаниите, кои ги прилагодија своите рути и распоред на летови, што индиректно влијае и врз глобалните туристички текови.
„Од гледна точка на ТАВ Македонија, како оператор на двата македонски аеродроми, нашата надлежност се аеродромските операции и обезбедување непречено и безбедно функционирање на услугите за сите авиокомпании и за патниците додека тие се на аеродромите. Секако, внимателно ја следиме состојбата и сме во постојана комуникација со авиопревозниците. Во овој момент не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници, имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа“, изјави Неџат Курт.
Тој додава дека намалениот интерес за резервации е главната причина за укинување на линијата Скопје – Ларнака.
„Можно е одредено ограничено влијание кај дел од дестинациите, но засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот“, вели Курт.

